Furkan Abdula
01 Декември 2022•Ажурирај: 02 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, учествуваше на 29. состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ, што оваа година се одржува во Лоѓ, Полска, на 1 и 2 декември 2022 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, во неговото обраќање пред министрите за надворешни работи и претставниците на земјите учеснички на ОБСЕ, Османи се осврнал на состојбите со кои се соочува Организацијата и денешните политички и безбедносни предизвици.
„Со долгогодишното непочитување и прекршување на договорените принципи и заложби на Организацијата, силно е нарушена нивната кохезивна сила и се подриени принципите на ОБСЕ како темел на европската безбедносна архитектура. Ваквите тенденции доживеаја врв со агресијата на Руската Федерација врз Украина“, нагласи Османи.
Меѓу другото, Османи се осврна и на визијата на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
„Велат, ОБСЕ е на крстопат. Верувам дека вистинската насока напред е да овозможиме ОБСЕ да може да функционира врз основа на својот полн капацитет и подготвеност да испорачува, во корист и поддршка на граѓаните во ОБСЕ-регионот. Организацијата да продолжи да ѝ служи на целта за нејзино воспоставување, нудејќи релевантни вредности и принципи како темел на европската кооперативна безбедност, како и платформа за дијалог како алатка за превенција и разрешување на конфликти“, посочи Османи.