Ivana Ramadanova
27 Јуни 2016•Ажурирај: 28 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Република Полска денес во Скопје свечено го превзеде претседателството на Вишеградската група, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот на Република Полска, Јацек Мултановски, ја превзеде симболичната штафета на претседателството од амбасадорот на Република Чешка, Мирослав Рамеш. Во оваа пригода двете амбасади заеднички организираа свечено предавање во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
„Вишеградската група стана почитуван и сигурен партнер како и пример кој може да се примени во случајот на земјите од Западен Балкан, особено ако се има в предвид дека сите ја делиме истата визија да станеме членки на Европската Унија. Факт е дека изминатиот период се случуваат настани на ниво на Европа, кои се сериозен предизвик за функционирањето на Европската Унија”, истакна Амбасадорот на Република Полска, Јацек Мултановски.
Во продолжение говор одржа и амбасадорот на Република Чешка, Мирослав Рамеш, кој ги запозна присутните со приоритетите на чешкото претседателство, кои пред сѐ се областите на зајакнување на внатрешната конзистентност, енергетиката, поддршка на политиката за проширување, развојот на инфраструктурата, безбедносната и одбранбената соработка, вклучувајќи го и спроведувањето на принципот на солидарност, сѐ врз основа на взаемна доверба. За значајна област ја спомена поддршката во процесот на проширување на земјите од Западен Балкан.
Свечено предавање на претседателството на Вишеградската група се оддржа во просториите на ЕУ Инфоцентарот во присуство на вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми.
Вицепремиерот Адеми, кој меѓу другото честита на Полска за преземањето нa претседателството на Вишеградската група, посакувајќи ѝ успешна реализација на својата програма и цели во годината што следува.
Вишеградската група е формирана во 1991 година на средба на лидерите на четирите земји во унгарскиот град Вишеград, на 40 километри северно од Будимпешта, со цел да се обезбеди институционална соработка меѓу нејзините членки во напорите за зачленување во ЕУ.
По приемот на четирите земји во ЕУ во 2004 година, активностите во рамките на Вишеградската група се насочија кон соработка во сферата на енергетиката, безбедноста и партнерстворо со државите од источна Европа, како Русија и Украина.