Furkan Abdula
01 Декември 2022•Ажурирај: 02 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека колку брз ќе биде процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), зависи и од Брисел, и од земјите членки на ЕУ, но според него, најмногу од земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на претседателскиот Кабинет, Пендаровски се обратил на петтата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија (ЕУ) во Северна Македонија (НКЕУ-МК), што во организација на Европското движење се одржа во Собранието на Северна Македонија.
Говорејќи за процесот на евроинтеграции на Северна Македонија, Пендаровски рече: „Во тек е фазата на билатералниот скрининг, прилично динамичен период е пред нас, па оттука, би сакал да порачам, да останеме посветени и ангажирани, бидејќи европската интеграција и реформите кои се во тек, а особено оние што претстојат, се примарна задача за одговорните политичари, но и за многу други општествени чинители.“
Пендаровски нагласи дека во оваа година суштински се промени севкупната безбедносна архитектура во Европа како резултат на руската воена агресија врз Украина.
„Овој илегален чекор, без преседан во поновата историја на Европа, предизвика цела серија проблеми од кои, за жал, ниту една земја на континентот не беше поштедена. Во една ваква констелација, европската интеграција како мировен проект, но и како проект кој обезбедува демократија и просперитет на општествата, добива на дополнително значење, особено во нашиот регион, каде што сѐ уште постојат тензии и ретроградни тенденции, чијшто деструктивен потенцијал не смее да биде занемарен“, нагласи Пендаровски.
Меѓу другото, тој нагласи дека владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата се вбројуваат во кластерот на основни прашања, односно на фундаменталните вредности во процесот на пристапот кон Европската Унија.
Во оваа насока Пендаровски се осврна на главните правци кон кои, според него, треба да се движи земјата во исполнувањето на овие обврски, пред сѐ, кон граѓаните на земјата, дури потоа кон Брисел.
„Прво, политичката волја за владеење на правото не смее да биде само декларативна, туку реална и присутна и во фазата на примената на законите, а не само при нивното усвојување во Парламентот. Промената на законодавството е само еден, нужен, но недоволен чекор за реални промени во нашите животи. Клучна е неселективната примена на законите и доследното почитување на независноста на институциите во оваа област, од страна на нас, политичарите“, нагласи тој.
Според него, во фокусот, на почетокот и на крајот на секоја реформа во правосудството треба да бидат луѓето кои работат во овие институции, додека, како што рече тој, во оваа насока потребно е многу поквалитетно правничко образование на универзитетско ниво.
„Треба да ја поддржиме, без резерва, работата на Државната комисија за спречување на корупцијата. Не само што таа институција е една од малкуте чијашто работа е позитивно оценета во извештаите за напредокот кон Европската Унија, туку и затоа што преку нејзината ефикасна работа политичарите ќе покажат на дело дека декларативните заложби имаат и практични последици, дури и во случаи кога нивните интереси, интересите на нивни сопартијци или нивни блиски ќе бидат засегнати“, рече Пендаровски.
- „Колку брз ќе биде процесот на нашата интеграција во ЕУ, зависи најмногу од нас“
Тој, исто така, нагласи дека реформите во сферата на правната држава треба секогаш да бидат резултат на широк политички, но не помалку важно, и на експертски и општествен консензус.
„Колку брз ќе биде процесот на нашата интеграција во Европската Унија зависи и од Брисел, и од државите членки, но најмногу од нас. Реформите не ги правиме за да ги задоволиме европските бирократи, туку, фундаментално да го промениме нашето општество и работата на нашите институции од кои нашите граѓани не се задоволни во висок процент. Тоа значи дека фокусот не треба да биде на техничко исполнување на критериумите за членство, туку на квалитетот на процесот. Друг начин за реформите да бидат одржливи и за сопирање на негативните трендови со кои се соочуваме во областа на владеење на правото – не постои. Само со излегување од комфорната зона на политички декларации, процесот на пристапување кон Европската Унија ќе ја има трансформативната моќ која ни е повеќе од потребна“, додаде претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.