Furkan Abdula
30 Ноември 2022•Ажурирај: 01 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, учествуваше на вториот ден од министерскиот состанок на НАТО што се одржa во Букурешт, Романија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на МНР на Северна Македонија, во фокусот на дискусиите, на кои учествуваa и министрите за надворешни работи на Финска, Шведска, Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, била поддршката за Украина, политиката на отворени врати на НАТО, зајакнувањето на Источното крило на Алијансата, како и значењето на регионот на Црното Море за целокупната трансатлантска безбедност.
Се наведува дека воедно станало збор и за заканите и предизвиците од авторитарните актери и стратешките конкуренти на НАТО во повеќе региони, вклучувајќи го и Западниот Балкан.
Во своето обраќање Османи нагласи дека Северна Македонија како дел од Западен Балкан и најнова членка на НАТО одблизу ја познава трансформативна моќ на европската и евроатлантската интеграција, и токму затоа силно ја поддржува политиката на отворени врати на Алијансата и процесот на проширување на Европската Унија.
Според него, за време на војна на европскиот континент, европските и евроатлантските интеграции на земјите од Западен Балкан се клучни за одржување долгорочна регионална и европска стабилност.
„Денеска, заедно со министрите за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, како најмногу погодени земји од војната во Украина, имаме можност да размениме мислења за тоа како дополнително да ја зајакнеме нивната отпорност и да ги развиеме нивните капацитети, поддржувајќи ја нивната политичка независност“, рече Османи.
„Западен Балкан и Црното Море остануваат региони од стратешко значење за Алијансата. Нашето партнерство е клучно во справувањето со заедничките закани и предизвици“, додаде тој.
Од Букурешт Османи продолжува за Лоѓ, Полска, каде што ќе учествува на 29. Министерски совет на ОБСЕ, по кој Северна Македонија го презема претседателството со Организацијата.