Riyaz ul Khaliq
11 Јули 2019•Ажурирај: 12 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Јапонската вселенска сонда „Хајабуса2“ (Hayabusa2) успешно слета на астероидот Рјугу, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Слетувањето беше огромен успех бидејќи „Хајабуса2“ направи совршен потег, речиси во согласност со нашите очекувања“, рече Такаши Кубота, професор на Институтот за вселенски и астронаутички науки (JAXA), за јапонската новинска агенција „Кјодо“.
Астероидот од Земјата е оддалечен околу 250 милиони километри, поради што се истакнува дека успешната мисија има значително научно и стратешко значење.
„Се верува дека веќе се собрани првите примероци од под површината на астероидот“, се вели од Институтот.
„Примероците собрани овој пат од страна на сондата ќе помогнат во добивањето нов увид во потеклото на животот и еволуцијата на Сончевиот Систем“, се вели од јапонската Агенција за истражување на вселената (JAXA).
На почетокот од април, вселенската сонда „Хајабуса2“ истрела проектил на астероидот Рјугу, на околу 340 милиони километри од Земјата, создавајќи кратер на астероидот.
Мисијата има за цел истражување на потеклото на животот и еволуцијата на Сончевиот Систем.
„Површината на Рјугу е изменета поради влијанието на соларните ветрови, но се смета дека примероците од под површината содржат траги од времето кога бил создаден соларниот систем, пред 4,6 милијарди години. Овие темни примероци би можело да содржат органски материи и вода“, се додава од JAXA.
Вселенската агенција соопшти дека се потребни 14 минути за трансмитирање на информации помеѓу Земјата и сондата.
Откако вчера сондата започна со своето слетување и ги собра примероците „мисијата на сондата е речиси завршена, и таа ќе го започне своето патување назад кон Земјата кон крајот на оваа година“, пренесува „Кјодо“.
„Хајабуса2“ достигна стационарна положба над астероидот Рјугу во јуни минатата година, откако помина 3,2 милијарди километри. На Земјата се очекува да се врати во зимата 2020 година.
Лансирана во декември 2014 година од вселенскиот центар „Танегашима“ во југозападна Јапонија, „Хајабуса2“ стигна до астероидот Рјугу минатиот јуни. Во февруари слета на астероидот за да собере примероци од површината и да пронајде хидрирани минерали кои ќе им помогнат на научниците во откривањето дали астероидите ја донеле водата на Земјата како што се претпоставува.