Emre Aytekin
09 Јули 2019•Ажурирај: 10 Јули 2019
АНКАРА
Соларната сателитска едрилица „Light Sail 2“, развиена од страна на „Планетарно општество“ (Planetary Society) на Земјата ги испрати првите изработени фотографии, јавува Anadolu Agency (AA).
Научната заедница „Планетарно општество“, со седиште во американската сојузна држава Калифорнија, на 25 јуни во вселената го испрати вселенскиот сателит „Light Sail 2“, со кој е воспоставен првиот контакт и на Земјата ги испрати првите фотографии што ги направил.
„Планетарно општество“ објави фотографија изработена од камерите на „Light Sail 2“ од орбитата за време на заоѓањето на Сонцето, на која Земјата се гледа како силуета меѓу сончевите зраци.
Покрај тоа, оваа научна заедница соопшти дека понудила интернет-апликација преку која е можно во живо да се следи позицијата на сателитот во орбитата и дека е овозможен онлајн пристап до фотографиите изработени од камерата со два објективи „рибино око“.
Сателитот, со тежина од 5 килограми и големина колку векна леб, во следната фаза треба да ги отвори лесните крила изработени од материјал сличен на алуминиумска фолија кој рефлектира зраци и исто како и некоја едрилица, со помош на енергијата на фотоните од сончевите зраци, да ја обиколи орбитата околу Земјата.
Сателитот „Light Sail 2“, кога ќе ги отвори соларните крила кои се состојат од четири парчиња, ќе се претвори во соларна површина во форма на квадрат со големина на боксерски ринг. Раководителите на проектот предвидуваат дека за неколку дена, завршувајќи со трансформација на формата, сателитот би го започнал своето патување низ орбитата.
Проектот кој е под водство на Бил Нај, американски доктор за геофизика и телевизиски водител, во потполност е спроведен со финансиска поддршка на донатори. Во кампањата за донации која беше водена преку интернет, повеќе од 40.000 лица донираа од 1 долар до 1 милион долари.
Првата верзија „Light Sail“ во вселената беше лансирана во 2015 година, со цел да се тестира отворањето на крилата и движењето со помош на потисната енергија добиена од фотоните на сончевите зраци.