Tevfik Durul
17 Ноември 2016•Ажурирај: 18 Ноември 2016
ПЕКИНГ (АА) - Кинеските астронаути Џинг Хајпинг и Чин Донг се во орбитата, во вселенската лабораторија Тиенгонг-2. Тие во улога на „специјални дописници-астронаути“ пренесоа вест од вселената, јавува Anadolu Agency (AA).
Џинг и Чин директно од орбитата, со слика се поврзаа во канцелариите на државната кинеска новинска агенција Синхуа. Пренесувајќи вести од орбитата, тие ја добија титулата „првите вселенски дописници“. Вестите подготвени во форма на интевју, беа пренесувани од агенцијата Синхуа.
Двајцата астронаути се наоѓаат во вселенското летало Шенчџу-11, кое беше лансирано во рамките на 33-дневната мисија за истражувања во вселенската станица Тиенгонг-2. Тие објавија информации во врска со нивниот живот во орбитата.
Во разговорот наречен „Прв пример на новинарство во вселената“, астронаутите дадоа информации, почнувајќи од експериментите што ги прават во вселенската лабораторија Тиенгонг-2, до начинот како го исфрлаат сметот. Дописниците дадоа информации во врска со тешкотите со коишто се соочуваат во чистењето, но и во спортските активности поради отсуството на гравитација, и изразија задоволство поради тоа што се членови на веселенското семејство.
Денес се очекува астронаутите да се одвојат од орбитата. Тие јавија дека ги уредиле сите информации собрани од Тиенгонг-2 и дека почнале да ги собираат личните работи што ги земале со себе. Исто така, признале дека се чувствуваат емотивно поради успешното завршување на мисијата и поради тоа што ќе бидат заедно со нивните семејства“.
На 17 октомври, со помош на ракетата Долгиот марш-2Ф (Long March-2F), вселенското летало Шенчџу-11 беше лансирано во вселената од космодромот Џиукван, во северниот дел на земјата. Во рамките на проектот за вселенски станици во орбитата, првата станица, Тиенгонг-1 е однесена во 2011 година, додека втората станица, Тиенгонг-2 е однесена во месец септември оваа година. Кинеската Влада до крајот на 2020 година планира да изгради вселенска станица којашто ќе биде составена од три капсули.
Вселенската станица Тиенгонг-2, која е долга 10,4 метри, широка 3,35 метри и тешка 8,6 тони, е мошне важна во рамките на реализирањето на подготовките за изградбата на вселенските станици, и игра клучна улога во реализирањето на експериментите.
До 2022 година, Кина има за цел да создаде 2 основни модела коишто ќе даваат постојани услуги. Во случај Кина да успее да ја реализира оваа цел, тогаш таа ќе стане третата земја, по САД и Русија, којашто успеала да изгради вселенската станица во орбитата.
Во септември 2011 година, Кина ја лансираше првата лабораторија Тиенгонг-1. Првично се очекуваше мисијата да трае 2 години, но оваа станица во орбитата остана 4,5 години. Во станицата Тиенгонг-1 во јуни 2012 година беше поставен сателитот Шенчџу 9, а во јуни 2012, другиот сателит, Шенчџу 10.
Кинеската Влада во 2010 година го одобри проектот за човечка база во вселената.