Aşkın Kıyağan
17 Ноември 2016•Ажурирај: 18 Ноември 2016
ВИЕНА (АА) – На претседателските избори во Австрија, на 4. декември, ќе се борат кандидатот на екстремната десница, Норберт Хофер и кандидатот на Партијата на зелените, Александер Ван дер Белен, јавува Anadolu Agency (AA).
Власта во Австрија, која веќе 15 години е управувана од коалиции, ја предводи коалицијата на Социјал-демократската партија и Народната партија. По елиминацијата на кандидатите на коалицијата во првиот круг на претседателските избори, за претседателското место останаа да се натпреваруваат кандидатот на Австриската партија на слободата, Норберт Хофер и кандидатот на Партијата на зелените, Александер Ван дер Белен.
Спроведените анкети покажуваат дека Хофер би добил 52 процента од гласовите, а Ван дер Белен 48 проценти. Можната победа на Хофер предизвикува страв од зацврстување на десничарските партии и нивното владеење, најпрво во Австрија, но и во Европа, каде што владеат ксенофобични и исламофобични десничарски партии.
Поради малата разлика во гласовите на кандидатите, која ја покажуваат анкетите, се гледа дека овој изборен натпревар ќе го решат воздржаните гласачи.
Норберт Хофер
Екстремниот десничар Хофер е познат по своите антитурски и антиисламски изјави. Ставот на Хофер е дека исламот не ѝ припаѓа на Европа и според него, досегашните погрешни политики се причина за проблемите. Тој повремено во своите изјави ги користеше следните фрази: „Не сакам Австрија да биде муслиманска држава“, „Исламот не е дел од Австрија“ и „Нема место во ЕУ за Турција“.
Хофер е познат и по тоа што е против бегалците. Неговиот став е дека со зацврстувањето на европските граници, ќе се запре бегалскиот прилив, како и дека бегалците што се спасувани во Средоземното Море, треба да се вратат во Либија. Тој во секоја пригода ја истакнува опасноста од исламот и од насилството, и тврди дека ќе ги заштити Австрија и Европа од таа опасност.
Според Хофер, бурката ја омаловажува жената и таа треба да биде забранета, или покривањето на жената во јавност.
Хофер е исто така и против планираниот договор меѓу ЕУ и САД – Партнерство за трансатланска трговија и инвестиции (ТТИП) и веќе потпишаниот договор меѓу ЕУ и Канада – Договорот за слободна трговија со Канада (ЦЕТА). Неговиот став е дека за овие два договора треба да одлучи народот.

Екстремните десничари во Австрија не се против ЕУ, туку против структурата на нејзините институции. Хофер, пак, го брани ставот дека ЕУ не треба да биде структура на елитите, туку треба да има структура што ги одразува традициите, религијата и културата на европскиот народ.
Хофер верува во спроведувањето на директна демократија и вели дека сите закони што би се донеле во Парламентот, треба да бидат изгласани од народот.
Александер Ван дер Белен
Ван дер Белен нагласува дека доаѓа од бегалско семејство и го брани ставот дека оние што доаѓаат поради војна, треба да бидат прифатени, меѓутоа кон оние што доаѓаат од економски причини, треба се настапува претпазливо.
Тој во своите изјави вели дека странците се придобивка за државата, дека светот се менува и оти секој треба да се приспособи на овие промени.
Ван дер Белен исто така е против договорите ЦЕТА и ТТИП и тврди дека доколку биде избран за претседател, нема да ги потпише овие договори.
Тој е познат и по својата јавна поддршка кон ПКК.
Според него, расправите за законот против бурката се будалаштини, а во врска со разговорите за влез на Турција во ЕУ, тој вели дека тоа е ’трошење време’. Исто така, тој изјави дека доколку биде претседател, за време на неговиот мандат, не смета дека Турција ќе влезе во ЕУ.