Hasan Tosun
22 Мај 2016•Ажурирај: 22 Мај 2016
ВИЕНА (АА) - Во Австрија денес се одржува вториот круг на претседателски избори на кои бирачите бираат помеѓу кандидатот на радикалната десница, Норберт Хофер и независниот кандидат Александер Ван Дер Белен, јавува Anadolu Agency (AA).
Право на глас во Австрија имаат вкупно 6.384.331 регистриран бирач, а прелиминарните резултати се очекуваат вечерва, неколку часа по затворање на бирачките места.
Кандидатот на радикално-десничарската Слободарската партија (ФПО), Хофер, оствари изненадувачки уверлива победа во првиот круг на претседателските избори одржани во Австрија 24-ти април оваа година.
Во вториот круг на претседателски избори денес, опонент му е Ван Дер Белен, независниот кандидат поддржан од страна на Партијата на зелените, но и австриската левица чии кандидати се елиминирани во првиот круг.
Важноста на денешните избори лежи во фактот што прв пат по Втората светска војна во фотелјата на претседателот на Австрија можеше да седне радикалниот десничар и евроскептичниот Хофер.
Функцијата претседател на Австрија е од протоколарен и репрезентативен карактер, но претседателот на таа земја воедно е и врховен командант на вооружените сили и во вонредни околности може да ја распушти владата и парламентот.
На политичката сцена во Австрија веќе со децении главниот збор го има левицата, а актуелната влада на таа земја се состои од Социјалдемократската партија (СПО) и помалиот коалициски партнер на Народната партија (ОВП).
Прогресот на радикалната десница на политичката сцена во Австрија е продолжение на сличниот тренд во Франција, Германија и другите земји на ЕУ кои се соочени со низа проблеми, од кои прв е проблемот со мигрантската криза.
Прашањето за решавање на мигрантската и бегалската криза се смета за главна причина за раст на популарноста на екстремната десница која ја застапува евроскептичната и антимигрантската политика.
Кризата на внатре-австриската коалициска влада на почетокот од месецов резултираше со оставка на поранешниот премиер и претседател на СПО, Вернер Фајман, а на негово место избран е Кристијан Керн.