Aşkın Kıyağan
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
ВИЕНА (АА) – На претседателските избори во Австрија победи независниот кандидат Александер Ван дер Белен, кој беше поддржан од Партијата на зелените. Со победата го доби правото на 6-годишен претседателски мандат, јавува Anadolu Agency (AA).
Во 1919 година, семејството на Ван дер Белен поради војната во Русија, се преселило во Естонија. Тој потекнува од татко Русин, мајка Естонка, кои во 1940, по анексијата на Естонија од страна на Русија, пребегнале во Виена. Ван дер Белен е роден на 18. јануари 1944 во Виена. Семејството Белен подоцна се преселило во западна Австрија, во Тирол.
- Професор по економија -
Својата академска кариера Ван дер Белен ја заокружи на Универзитетот „Инсбурк“ во Тирол. На своите истражувања работеше во Западноберлинскиот научен центар, заедно со турскиот академик Мурат Рауф Сертел. Тој докторираше на Универзитетот во Инсбурк, а во периодот меѓу 1976 и 1990 година предаваше економија на истиот универзитет во Инсбурк и на Виенскиот универзитет.
- 11 години беше претседател на партијата -
Ван дер Белен беше член на Социјал-демократската партија во 70-тите и 80-тите години, но поради неговите еколошки ставови, во 1994 година беше избран за пратеник на Партијатa на зелените. Во 1997 година, тој беше избран за претседател на Партијата на зелените и на оваа функција беше 11 години, до 2008 година. Тој ѝ донесе успех на партијата со зголемување на процентот на гласачи од 5 на 11 отсто, но на парламентарните избори во 2008 година, партијата изгуби големм дел од гласачкото тело, по што следеше неговата оставка од претседателската функција на партијата. Ван Дер Белен зад себе има два брака и е татко на два сина. Тој себеси се смета за секуларист и често истакнува дека има почит кон религијата.
- Познат е по своите либерални ставови -
Ван Дер Белен го привлече вниманието со своите проевопски и пробегалски изјави, а познат е и по своите либерални ставови кон муслиманите. Тој постојано напоменува дека е дете на семејство бегалци, а неговиот став за бегалците е дека оние што доаѓаат поради војна треба да се примат со раширени раце, додека пак кон оние што доаѓаат од економски причини, треба да се биде повнимателен. Според него, странците се придонес за државата и секој треба да се приспособи на изменетиот глобален свет.

Ван дер Белен во своите изјави истакнува дека нема да ги потпише договорите на Европската Унија со Канада и со САД, за либерализација на пазарот.
Неговиот став за расправата околу бурките и шамиите за покривање е дека тоа е една глупост, а во врска со членството на Турција во ЕУ, смета дека тоа е ’потрошено време’. Тој исто така беше изјавил дека не верува оти Турција ќе влезе во ЕУ за време на неговиот мандат. Во изјавата веднаш по изборите, Ван Дер Белен рече дека ќе заземе надпартиска позиција, и нагласи оти ќе ги поддржува проевропските политики, како и дека неговата улога во земјата ќе биде да обединува, а не да раздвојува.
- Двапати ги доби изборите -
Ван Дер Белен освои најмногу гласови меѓу шестте кандидати на првиот круг од изборите на 24. април, а во вториот круг од изборите, на 22. мај беше пред својот ривал Хофер за 30 илјади гласови.
Сепак, Уставниот суд го поништи вториот круг на изборите, откако утврди неправилности со гласовите што биле испратени по пошта. Според сѐ уште неофицијалните резултати, на изборите што се оддржаа на 4 декември, Ван дер Белен со освоени 53 отсто од гласовите стана новиот претседател на Австрија.
Ван Дер Белен ќе положи заклетва на 26. јануари 2017 година, кога ќе ја започне својата претседателска функција.