Mehmet Akif Turan
25 Јуни 2023•Ажурирај: 26 Јуни 2023
ТУНИС (АА) – МЕХМЕТ АКИФ ТУРАН -
Тунискиот инженер Бубакер Сијале со свои средства разви еколошки прифатливо електрично лесно комерцијално возило „Бако Б10“, пишува Анадолу.
Сијале го произведе еколошки прифатливото возило со мотор на електрична енергија, опремено со соларни панели.
По завршувањето на постдипломските студии во Украина и Германија, Сијале, кој работел со водечки светски производители на автомобили, сакал искуството што го стекнал во странство да го направи корисно за својата земја по враќањето.
„Во текот на периодот на карантин поради КОВИД-19, јас и мојот син Ибрахим често се возевме со електричен велосипед. Во тој процес и самиот произведов електричен велосипед. Тогаш почнав да работам на развој на електрично работно возило, иако мало“, рече Сијале.
Комерцијалното возило може да носи товар од 300 килограми.
„Возилото го нареков Бако, инспириран од името 'бако' што на локалниот туниски јазик значи кутија или торба“, објасни Сијале.
Тунискиот инженер рече дека неговите возила моментно на пазарот се продаваат за 12.000 туниски динари (4.000 долари).
Сијале рече дека се соочиле со многу пречки при патентирањето на возилото, но дека на крајот успеале и покрај сите бирократски тешкотии.
„Возилото што го произведуваме е возило со високи стандарди за квалитет. Затоа веруваме дека ќе биде барано во многу земји, меѓу кои и во Саудиска Арабија и Катар“, рече Сијале.
Иако пазарот на електрични возила е пазар со предизвици, тој смета дека се во предност бидејќи можат да направат промени на возилото во согласност со барањата.
Тврдејќи дека возилата што користат фосилни горива, кои предизвикуваат зголемување на глобалното затоплување во светот, ќе бидат повлечени од пазарот во наредниот период, Сијале рече: „Возилата што работат на фосилни горива, кои се една од најголемите причини за загадувањето, се заменуваат со обновливи и еколошки прифатливи возила.“