Zeynep Hilal Karyağdı
12 Ноември 2016•Ажурирај: 13 Ноември 2016
МЕДЕНИН (АА) - Старите градби кои постојат повеќе од три векови во туниските градови Меденин и Татавин, се чувари на историјата и традицијата на племенската култура на југоисточниот дел на таа земја, а поради изгледот и раскошноста се нарекуваат и пустински палати, јавува Anadolu Agency (AA).
Илјадници туристи годишно, од сите делови во светот доаѓаат во југоисточниот регион на Тунис за да ги видат палатите кои претставуваат музеј на отворено и со векови сведочат за традицијата, културата и животот на тие простори.
Историчар и екперт за култура, Хабиб Алчан, во разговорот за АА истакнува дека големите градби се градени со примитивни материјали и методи и дека од нив можат да се прочитаат традицијата и начинот на живот на старите предци.
Помеѓу градовите Меденин и Татвин се наоѓаат околу 160 пустински палати од кои најниските имаат три а највисоките шест спратови.
Укажувајќи на раскошот на тие објекти кои содржат стотици простории, Алчан изјави дека тие градби и денес привлекуваат туристи и истражувачи од целиот свет, без оглед на фактот дека се запоставени од страна на властите во Тунис.
„Населбите на овој простор датираат од 12 век, но палатите кои денес можеме да ги видиме се градени пред три векови”, изјави тој.
Локалниот жител, Абдула ал Меднини, смета дека палатите во тој крај на светот претставуваат своевидно чудо, бидејќи се градени со ќерпич и кал во период кога немало цигли, цемент и други градежни материјали.
„ Секоја палата се нарекува по семејството на кое припаѓала. Уште една карактеристика на овие објекти се и магацините за храна во кои нашите предци чувале жито, овошје и други видови на прехрамбени артикли ”, изјави Меднини.
Пустинските палати во Татавин се простираат на поширок рамен пустински полигон, додека оние во Меденин се градени во ридести предели и збиени населби.
Директорот на Музејот во Татавин, Фети ес Салмук, за АА изјави дека Академијата за национално културно наследство на Тунис ја реставрирала најголемата и најпозната палата Хедада во тој град и ја претворила во музеј.
„Голем број на туристи доаѓаат и повторно се враќаат. Ова е најдобра потврда дека мораме поактивно да се занимаваме со зачувување на историското и културно наследство” , изјави Салмук.