Enes Kanlı
29 Април 2017•Ажурирај: 30 Април 2017
ТУНИС (АА) - Енес Канли -
Тунижанецот Хамади Кафи, облечен како рок ѕвездата Елвис Присли, со својата појава привлекува внимание каде и да се појави, пишува Anadolu Agency (AA).
Кралот на рокенрол и денес е инспирација на голем број на лица во светот кои пораснале, се заљубувале и живееле со неговата музика.
Присли музичката кариера ја започна во 1954 година. Неговиот прв сингл „That’s All Right” веднаш по објавата стана хит. За живот заработувал милиони но последните денови од својот живот бил на работ на банкрот. Почина во 1977 година.
Обожавателите од сите делови на светот секоја година на годишнината од неговото раѓање и смрт се собираат во американскиот град Мемфис. Меѓутоа, и на улиците на Тунис случајните минувачи и туристи останаа запрепастени кога видоа пред себе лице облечено како Елвис Присли. Се потсетува на него, косата, наочарите, прстените и ланецот околу вратот.
За оживувањето на кралот на рокенрол во Тунис за АА зборуваше 65 годишниот тунижански „Елвис” . Како што тој рече, љубовта кон рокенролот и Елвис Присли траела веќе 47 години.
И Кафи, како и целиот свет, во седумдесеттите ги слушал песните на Елвис. Во тоа време Кафи работел како таксист во едно мало место во јужниот дел на Тунис. Откако добил отказ, пред 40 години, тој се преселил во Хамбург во Германија каде продолжил и таму да ја работи истата работа. Сепак, сите одмори ги поминувал во родниот Тунис.
Долгогодишниот обожавател на Елвис Присли успеа по многу години да ја посети родната куќа на кралот на рокенролот. Кафи истакна дека тогаш му се остварил најголемиот сон.
„За подобро и поблиску да го запознаам Кралот, на 16 август 1997 година, отидов во Мемфис со уште илјданици обожаватели. Тоа беше на 20. годишнината од неговата смрт. Таму бев седум дена. Ја посетив куќата, ги видов неговите лични работи и облека. Дознав уште многу работи за кралот на рокенролот. Тоа беше искуство кое нема да го заборавам ”, раскажа Кафи кој тогаш се почуствувал многу поблиску до Елвис Присли.
Не ни сонувал дека еден ден некој него ќе го нарекува по името „ Елвис”. На идејата да го имитира својот идол дошол сосема случајно. Еден ден во такси возел една девојка со која разговарал за љубовта кон Елвис Присли. Тогаш таа го прашала: „Кога толку го сакаш, зошто не го имитираш?”.
Тогаш се одлучил на овој чин. Почнал да го имитира Елвис Присли. Облеката, косата, накитот и гласот потсетуваат на кралот на рокенролот. Сите го нарекуваат „Елвис таксистот”
Тунижанскиот крал го привлече вниманието и на европските медиуми.
„Оттогаш, животот ми се промени. Поради кралот од обичен таксист станав лице кое го познаваат во Германија. Сите светски ѕвезди кои доаѓаат во Германија сакаат да се сретнат со мене и да ги користат моите услуги на возење”, појасни Кафи.