Mehmet Kumcağız
25 Април 2017•Ажурирај: 26 Април 2017
САМСУН (АА) - Ибрахим Дурхат, машински инженер од Самсун, пред пет години започнал светска турнеја со автостоп, и во рамките на своето патување посетил 21 земја во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Дваесет и петгодишниот Дурхат, дипломиран машински инженер од Универзитетот „19 Мај“, пред пет години, кога продолжил со своите студии, разговарајќи со пријателите одлучил да направи светска турнеја, и со автостоп заминал на летен одмор во Германија. Дурхат во следните години продолжил да стопира на својата светска турнеја, и секој пат патувал со различни другари.
Тој во земјите каде што патувал работел еднодневни работи за да заработи пари. Понекогаш преноќувал во домовите на лицата што го примале во својот дом, а понекогаш спиел и во шатор.
Дурхат посетил 21 земја во светот, меѓу кои речиси сите европски земји како и Индија, Бангладеш, Етиопија, Кенија, Мароко, Пакистан и Саудиска Арабија.
Тој во својата изјава за АА истакна дека неговата животна филозофија е да го следи својот сон.
„Еден ден, разговарајќи со мојот другар одлучивме со автостоп да направиме светска турнеја и почнавме со патувањето“, вели Дурхат, истакнувајќи дека многу сака да патува. Заминале без да направат некој план, според моменталното расположение и моменталниот буџет.
- Зелениот пасош му ги олеснил патувањата
„Англиски знам толку колку што сум научил на училиште. Сакам да патувам, да се запознавам со нови луѓе и со нови места“ нагласи Дурхат, кој вели дека поради професијата на неговиот татко поседувал зелен пасош и тоа многу му ги олеснило патувањето.
Дурхат раскажа дека ја истражувал културата на секоја земја, се дружел со луѓето и се стекнал со нови пријатели во тие земји.
„Во секоја земја се сретнав со насмевки на лицата на луѓето. Ако вие им се насмеете, ќе видат дека сте искрени и тие ќе ви се возвратат со насмевка. Ним им раскажав за Турција. Ја претставив нашата земја. Се потрудив да ги научам турски јазик. Ги научив да ја испеат нашата химна и ги снимав со мојот телефон. Ги учев да танцуваат на турска музика. Во секоја земја работев како амбасадор, волонтер за туризам. Поради тоа сум многу среќен“.
Дурхат истакна дека ова лето планира да патува во јужноамериканските земји, а кога ќе се ожени, со својата сопруга ќе продолжи со светската турнеја.