İsmail Şen
17 Август 2016•Ажурирај: 18 Август 2016
ЕЛАЗИГ (АА) - Информатичарот Мустафа Онур Ајдин разви „паметна“ инвалидска количка на електричен погон што може да се контролира со гласот и со движења на главата, а мотив за ваквиот подвиг тој црпел од љубовта кон тетката која боледува од мултиплекс склероза (MS), јавува Anadolu Agency (AA).
Со цел да го олесни животот на лицата со инвалидитет, дваесет и шестгодишниот инженер Ајдин по две години посветена работа направи прототип на специјална инвалидска количка којашто ја нарече „Смарт, мултифинкционална, електрична инвалидска количка“, а проектот го поддржа Турскиот совет за наука и технологија (TUBITAK).
Во разговорот за АА, Ајдин истакна дека неговата желба е да им помогне на инвалидните лица кои имаат ограничена или воопшто немаат можност за користење на рацете и нозете, токму како што е случајот со неговата тетка, а дека проектот на паметните колички станал приоритетен меѓу многубројните бизнис идеи што ги имал по завршувањето на студиите.
„Корисниците со помош на гласот или со движење на главата или некој друг екстремитет ќе можат да управуваат со новите колички што ги развивме. Ги нарековме паметни колички бидејќи имаат вградено и екран на кој корисниците можат со количката да управуваат со допир. Нашата цел беше да развиеме технички опремена количка што ќе го олесни животот на инвалидните лица, а која нема да чини повеќе од количките што ги имаме моментално на пазарот. Нашите колички имаат опции на поврзување со паметните телефони, така што корисниците можат со гласовни опции да вршат телефонски повици, да користат интернет и слично“, рече турскиот иноватор Ајдин.
Младиот турски инженер Ајдин истакнува дека технологијата на гласовно управување со уредите зема голем замав, и додаде дека инвалидската количка што ја разви е единствената од овој вид во светот, со оглед на сите можности и опремата што ја има.
„Ова е единствена иновација и се надеваме дека ќе успееме да направиме да биде достапна за категоријата луѓе за кои е наменета. Веќе контактиравме некои произведувачи и желба ни е нашиот производ колку што е можно поскоро да се најде на пазарот“, порача Ајдин.
На прашањето дали има намера паметните колички да ги направи достапни и во странство, Ајдин одговори дека неговиот изум веќе има опции и на англиски и на германски јазик, а дека работат на опцијата за португалски и друг јазик.
„Голем е интересот од различни делови од светот и секако дека ни е желба да помогнеме на сите лица со посебни потреби“, заклучи Ајдин.