Qais Omar Darwesh Omar,Mahmut Geldi
05 Февруари 2023•Ажурирај: 07 Февруари 2023
ВИТЛЕЕМ (АА) – КАЈС ЕБУ СЕМРА -
56-годишниот Палестинец Екрем ал-Вара изработува разни сувенири од парчињата израелско оружје користено против Палестинците на Западниот Брег.
Овој градежен инженер живее во бегалскиот камп Ајиде, во близина на градот Витлеем на јужниот дел на Западниот Брег, каде израелските војници често вршат упади и интервенираат за време на протестите.
Ал-Вара има мала работилница под својата куќа каде што ги прави сувенирите од оружјето што израелските војници го користеле против Палестинците.
Во интервју за Анадолу, овој креативен Палестинец истакна дека и луѓето во Палестина сакаат да живеат слободно и во мир како и сите други луѓе.

Додаде дека со претворањето во сувенири на муницијата што се користи против Палестинците, всушност сака да испрати еден вид порака за „мир“ до светот.
Како што рече, долго време е бегалец од окупираниот Ал Кудс (Ерусалим), но неговиот сон е еден ден да се врати во местото каде што е роден.
Ал-Вара потсети дека израелските сили користат вистински куршуми, како и солзавец за да ги растераат Палестинците за време на мирните протести.
„Израелските сили секојдневно нè гранатираат со бомби, особено во бегалскиот камп Ајиде“, рече Ал-Вара.

- Сувенири со палестински национални симболи -
Како што истакна, во 2014 година почнал да прави сувенири од парчињата израелско оружје користени против Палестинците. Овој градежен инженер прави сувенири од парчиња различно оружје што го користи израелската Армија.

„Во 2014 година, израелските сили извршија насилни напади на палестинските територии. Во тоа време, бегалскиот камп Ајиде беше меѓу најпогодените подрачја. Секој ден бевме цел“, рече тој.
Бегалскиот камп Ајиде е важен затоа што се наоѓа во близина на Ѕидот на раздвојување и израелската воена станица.
Раскажа дека по жестоките напади на израелската војска решил да направи сувенири од израелските чаури. Тој собира парчиња оружје како отпад или ги купува од трговците со отпад.
Како што рече, прво мора да ги обработи парчињата оружје во неколку фази за да ги направи адекватни за употреба, и да ги претвори во уметнички дела.
Ал-Вара додаде дека се занимава и со производство на накит за жени, како и на сувенири, кои, како што вели, често имаат палестински национални симболи.
- Бегалски камп Ајиде -
Бегалскиот камп Ајиде, што се наоѓа на југот на окупираниот Западен Брег, е едно од местата што ги посетуваат домашните и странските туристи.

Ал-Вара и неговите деца се обидуваат да им ги објаснат страдањата и проблемите на Палестинците кои живеат под израелска окупација на домашните и странските туристи кои го посетуваат бегалскиот камп.
Напоменува дека неговите сувенири привлекуваат големо внимание кај домашните и странските туристи.
„Успеав да претворам смртоносен предмет во производ што во суштина им помага на луѓето и пренесува мир и љубов. Туристите исто така се многу изненадени кога ќе дознаат дека овие сувенири се направени од бомби“, рече Ал-Вара.