Fatjon Cuka,Furkan Abdula
04 Февруари 2023•Ажурирај: 06 Февруари 2023
СКАДАР (АА) – ФАТЈОН ЦУКА -
Сместен во градот Скадар во северозападна Албанија, Историскиот музеј е чувар на културното наследство од различни периоди, а е познат и како туристичка дестинација, пишува Анадолу.
Историскиот музеј, што се наоѓа во зграда со карактеристични обележја на Скадар, е уникатно место во градот.
Денешниот облик го доби во 1949 година, а во него се наоѓаат предмети од различни периоди.

Музејот, кој воедно служеше и како место каде што се одвиваат и културни активности во последните години, се состои од три дела: „Библиотека“, „Етнографија“ и „Археологија“.
Во посебен дел од музејот се чуваат и оригинални рачно везени артефакти користени од семејства од Скадар.
Изложени се археолошки предмети од различни периоди - традиционална облека, оружје, бакарни садови што ги користеле семејствата од Скадар, дрвен мебел, камени артефакти, музички инструменти, книги, фотографии, алатки кои се користат во секојдневниот живот, работен алат што го користеле занаетчиите.

Во делот со наслов „Етнографија“ се наоѓа „џублета“ (xhubleta), карактеристична облека што ја носат жените во некои региони на северна Албанија.
Традиционалната албанска облека „џублета“ е прогласена за дел од светското нематеријално културно наследство и е заштитена од УНЕСКО.
Оние кои ќе ја посетат внатрешноста на музејската зграда, која е изградена во османлискиот период во 18 век, ќе имаат можност да се запознаат со начинот на живот во регионот на Скадар.