Erol Değirmenci
30 Јануари 2026•Ажурирај: 30 Јануари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот компјутерски инженер Булент Ујсалер, кој се пензионирал како директор во фирмата каде што работел, по совет на пријател веќе четири години реставрира секаков тип оштетени играчки, пишува Анадолу.
Желбата да врши поправки во домот потекнува од детството, а еден близок пријател го замолил да ги поправи оштетените играчки на неговите деца и Ујсалер со задоволство прифатил и го исполнил барањето со што направил чекор кон нов период во животот.
Ујсалер прво почнал да работи во една соба во домот, а потоа преминал во магацинот во станбениот комплекс каде што живее, кој го претворил во работилница и продолжил со занаетот.
Во рацете на Ујсалер повторно оживуваат играчките што доаѓаат од различни градови и земји.
Тој реставрира бебешки кукли, панорамски тркала, вртелешки, друг вид кукли, автомобили и играчки со колекционерска вредност, а скапоцените играчки што не може да ги поправи им ги донира на децата.
Булет Ујсалер за АА раскажа дека е среќен кога луѓето ја ценат вредноста на играчките.
Во пензионерските денови успева да допре до животите и на возрасните и на децата, посочувајќи дека оштетените играчки ги смета за пациенти.
Ујсалер вели дека се труди да ги „излечи” играчките, додавајќи: „Оштетените играчки имаат своја болест, јас се трудам да ги излечам. Како што докторот со стетоскоп ги слуша белите дробови, го прегледува грлото и според тоа одредува начин на лекување, така и ние се обидуваме да утврдиме од каде доаѓа проблемот и да го отстраниме. Ова, исто така, е еден вид болница.”