ИСТАНБУЛ (AA) - Пронаоѓачите на Солар Импулс 2, по создавањето на револуционарниот соларен авион, кој меѓу останатите придобивки го сруши рекордот за најдолг соларен лет, своето внимание го насочуваат кон создавање соларни дронови.
Во рок од помалку од две години, тимот на „Солар Импулс“ би можел да направи дрон кој би летал континуирано шест месеци континуирано на соларна енергија - со што веројатно ќе се означи крајот на традиционалните сателити, или барем онакви какви што ги знаеме.
Зборувајќи екслузивно за Anadolu Agency, Андре Боршберг, еден од пронаоѓачите и пилот на Солар Импулс 2, вели дека дронот што ќе лета само со помош на соларната енергија ќе може да се користи и во земјоделството и комуникациите.
„Дронот има многу повеќе предности од сателитите”, вели Боршберг, додавајќи дека „сателитите не можат да стојат во една точка, мора да се движат околу светот. Дроновите може да останат на едно место, нив можете да ги спуштите кога и да посакате и да ја промените нивната структура”.
Боршберг вели дека дроновите ќе може да летаат на надморска височина од 20 километри, во стратосферата, и ќе може да се користат во области кои бараат набљудување и меркењете, како што се предвидувањето на урагани и проценка на сушите со цел поефикасно распределување на ресурсите.
Тие исто така можат да се користат за воено мониторирање.
Технолошките гиганти како што се Фејсбук и Гугл и компаниите за глобална авијација како што се Ербас и Боинг исто така работат на создавање дрон на соларна енергија.
Фејсбук и Гугл се стремат кон постигнување на побрз интернет и комуникации на далечина, со воспоставување на мрежа од соларни дронови кои ќе летаат на различни локации.
Боинг и Ербас, кои исто така градат сателити, сакаат да бидат дел од новиот пазар, поради можноста за заменување на сателитите со соларните дронови во иднина.
-Тимот на „Солар Импулс“ може да има конкурентска предност -
Залагањето на големите компании за место на новиот пазар е позитивен чекор во решавање на законските прашања кои може да се појават во иднина, вели Боршберг.
„Овој независен авион ќе лета во воздушниот простор во кој летаат управуваните хеликоптери и авиони. Па така ќе има многу законски прашања кои ќе треба да се решат, вели Боршберг. Кога работат повеќе луѓе на идејата е исто така подобро. Конкуренцијата ни дава мотивација да работиме повеќе”.
Боршберг вели дека компанијата Solar Impulse, на која е ко-основач заедно со Бертранд Пикард, во однос на поголемите компании ќе има поголема предност во изградбата, дизајнирањето и управувањето со ваквите авиони поради нивната флексибилност.
„Малите компании се повешти, тие можат да напредуваат брзо”, вели тој додавајќи: „Со тоа што сме мали не значи и дека сме слаби”.
- НАСА ќе прави електрични авиони -
Боршберг вели дека исто така работат и на изградба на електрични авиони на батерии кои ќе можат да се полнат на различни начини.
„Во наредните пет години ќе имаме мали електрични авиони. Во наредните 10 години ќе видиме електрични авиони со средна големина. Воздухопловната индустрија потоа ќе развие поголеми електрични авиони за транспорт”, изјави Боршберг.
„Ефикасноста на електричниот мотор на Solar Impulse 2 беше толку голема, што достигна до 97 отсто, во споредба со моторот со внатрешно согорување на возилото кој ќе регистрира загуба на енергија во просек од 30 до 40 проценти. Затоа, одредени големи компании ќе влезат во производство на овие авиони, бидејќи тие се повеќе енергетско ефикасни и помалку бучни", рече Боршберг и додаде:
„НАСА ги објави плановите за производство на електрични авиони, а Ербас неодамна го објави почетокот на новиот проект за производство на електричен хибриден авион со 19 седишта за превоз”.
- Вкупната вредност достигнува 170 милиони швајцарски франци -
Боршберг, поранешен швајцарски воен пилот, заедно со Пикард летаа со Solar Impulse 2, некористејќи гориво во текот на целото патување. Авионот го започна својот лет во Абу Даби, во ноември минатата година и беше завршен во јули оваа година на истото место, поминувајќи преку 43.000 километри.
Целиот проект, кој вклучува изградба на два авиони - Солар Имлулс 1, првата верзија, и Солар Импулс 2, и платите на тимот од околу 120 луѓе, чинел околу 170 милиони швајцарски франци во текот на изминатите 13 години, рече Боршберг.
Проектот е финансиран од портфолиото на приватни партнерства и донации, со производство на турскиот партнер за прозводтво на гуми - Бриса, заедничко вложување меѓу турскиот холдинг Сабанџи, и јапонската корпорација Бриџстоун.
„Партнерството со Бриса ги продлабочи нашите односи со Турција", рече Боршберг, чија сопруга е Турчинка и поседува куќа во Бодрум, привлечна точка за одмор во западна Турција.
„Тоа не се случи со Солар Импулс, но јас дефинитивно во иднина ќе донесам еден од моите авиони во Турција”, рече тој.
- Комитетот ќе даде јасни инструкции до крајот на годината -
Боршберг и Пикард работат на продолжување на напорите во врска со обновливата енергија, со планови да создадат Интернационален комитет за чисти технологии (ICCT). Комитетот ќе се стреми да обезбеди упатство за независна политика за енергија за владите и корпорациите, главно во областа на чистите технологии и обновливата енергија
„Целта е да се спојат сите оние кои веруваат во значењето на промовирањето на чистата енергија“, рече Боршберг. „Тоа би требало да се среди веројатно до крајот на оваа година“.
„Новите технологии се профитабилни, создаваат работни места, создаваат нови индустриски пазари и ја редуцираат емисијата на СО2, истакна тој, додавајќи дека тоа ќе биде единствениот начин светот да го реши проблемот со климатските промени.
„Кога го започнавме проектот Солар Импулс, ни рекоа дека е невозможно да се создаде таков авион“, рече Боршберг.
„Не им верувајте на луѓето кои ви велат дека не е возможно да има уште обновливи технологии. Се надевам Солар Импулс ќе создаде свесност и доверба дека овие технологии може да успеат“.