Ferdi Türkten
24 Септември 2019•Ажурирај: 24 Септември 2019
ЊУЈОРК (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека почнувајќи од 2023 година во околу 400.000 објекти во Турција ќе се применува системот на нула отпад, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган имаше свое обраќање на Климатскиот самит организиран во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), каде што нагласи дека климатските промени се еден глобален проблем кој не познава граници, и дека во решавањето на глобалните проблеми потребно е да се воспостави соработка било на регионално, било на меѓународно ниво.
Турскиот претседател потсети дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повикал сите земји да помогнат во борбата против климатските промени.
Тој рече дека како одговор на овој повик, Турција заедно се Кенија и „Ју-Ен Хабитат“ (UN-HABITAT) копретседава со работната група „Инфраструктура, градови и локална акција“.
- „Турција е лидер во регионот во областа на обновливата енергија“ -
Турскиот претседател нагласи дека Турција е свесна дека за да се постигне успех во борбата против климатските промени, пред сè потребно е да се дејствува на локално ниво.
„Четири и пол години бев градоначалник на Истанбул, кој е еден од најнаселените метрополи во светот. Во последните 17 година во мојата земја служев како премиер и претседател. Во сите наши 81 област, вклучувајќи го и Истанбул, ја проширивме употребата на природиот гас, наместо цврстото гориво. Денес, Турција е лидер во својот регион во областа на обновливите извори на енергија. Моментално над 30 отсто од потребата за електрична енергија ја исполнуваме од обновливата енергија. Уделот на обновливата енергија во производството на електричната енергија во 2023 година ќе ја зголемиме на околу 39 отсто“, додаде Ердоган.
Тој рече дека Турција се наоѓа меѓу ретките земји кои ги зголемуваат површините под шуми.
„Во последните 17 години засадивме над 4 милијарди стебла. На 11 ноември ќе засадиме уште 11 милиони стебла. Една од нашите цели во 2023 година е да ги зголемиме површините под шуми за 30 отсто. Исто така, градиме нови метро-линии со цел олеснување на проблемот со сообраќајот во нашите градови, како и намалувањето на емисиите на стакленички гасови“, рече Ердоган, нагласувајќи дека се реализирани историски проекти како Мармарај и тунелот Аврасја.
Тој истакна дека постигнале значаен напредок во насока на управувањето со отпадот, употребата на технологии кои не ја загрозуваат климата и на енергетските извори, како и подобрување на квалитетот на воздухот, водата и почвата.
„Со една регулатива која ја ставивме во сила, употребата на пластични ќеси ја намаливме за три четвртини“, додаде Ердоган, истакнувајќи дека Проектот на нулта отпад, кој започна под водство на неговата сопруга, Емине Ердоган, бил прифатен во сите градови и институции во Турција.
„Проектот на нула отпад го шириме низ цела Турција. Почнувајќи од 2023 година во околу 400.000 објекти во Турција ќе се премине на системот на нула отпад“, рече Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека велосипедските патеки во последен период се еден од најзначајните области за инвестирање. „Во 2023 година должината на велосипедските патеки ќе ги зголемиме од илјада на 4.000 километри“, додаде тој.
Според него, во насока на водење борба против климатските промени на локално ниво, подготвени се посебни акциони планови за различни подрачја. Тој нагласи дека пред сè бил објавен Акциониот план за регионот на Црното Море, и дека наскоро ќе се објават и акциони планови за другите региони.
Ердоган во своето обраќање се осврна и на деталите на работната група.
„Првата иницијатива е Лидерска иницијатива за локална климатска инвестиција, додека втората иницијатива е Иницијатива за нулта-јаглерод во објектите. Постојат две темелни компоненти на оваа значајна иницијатива. Првиот компонент е подготвување на Мапата на патот со цел новите објекти да се претворат во објекти со нулта-јаглерод до 2030 година, додека постоечките до 2050 година. Втората компонента е до 2030 година да се реализира инвестицијата на глобално ниво во вредност од 1 трилион долари. Во рамки на нашата трета иницијатива, имаме за цел формирање на одржливи урбанистички транспортни системи преку Иницијативата за транспорт кој не ја загрозува климата“.