Dildar Baykan
23 Септември 2019•Ажурирај: 24 Септември 2019
ЊУЈОРК (АА) - Франција, Германија и Велика Британија во заедничко соопштение го прогласија Иран за одговорен за неодамнешниот напад врз нафтените постројки на Саудиска Арабија, јавува Anadolu Agency (AA).
Германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон објавија заедничко соопштение во пресрет на 74. заседавање на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк.
„Остро ги осудуваме нападите на нафтените постројки на територијата на Саудиска Арабија изведени на 14 септември 2019 година“, се наведува во соопштението, во кое изразуваат солидарност со официјален Ријад.
„Јасно е дека Иран е одговорен за нападот. Нема друго разумно објаснување. Ја поддржуваме истрагата за да дојдеме до повеќе детали“, се додава.
Тие предупредуваат дека ваквите напади претставуваат огромен ризик за избивање на конфликт во регионот.
Во соопштението се повторува нивната посветеност кон Договорот за нуклеарната програма со Иран, а Техеран го повикаа да ги почитува условите од договорот.
Минатиот викенд беше извршен напад врз две постројки на саудиската нафтена компанија „Арамко“. Иако јеменските бунтовници Хуси ја презедоа одговорноста за нападите, Соединетите Американски Држави (САД) тврдат дека зад нападот стои Иран. Ваквите обвиненија ги отфрли официјален Техеран.
Нападот врз саудискиот нафтен комплекс, кој обезбедува пет отсто од глобалното производство на нафта, го осудија голем број меѓународни организации и земји, меѓу кои и Обединетите нации (ОН), Европската Унија (ЕУ), Турција и САД.