Ahmet Gürhan Kartal
20 Декември 2018•Ажурирај: 22 Декември 2018
ЛОНДОН (АА) - Eден од најфреквентните аеродроми во британскиот главен град и понатаму останува затворен откако синоќа беа забележани дронови над пистите, јавува Anadolu Agency (AA).
Околу 10.000 патници се погодени од прекинот во летовите, поради неможноста авионите да полетаат од аеродромот, додека дојдовните летови се пренасочувани кон аеродромите „Лутон“, „Хитроу“, „Станстед“ и „Манчестер“.
Некои дојдовни летови беа пренасочени и во Париз и Амстердам.
Крис Вудруф, главен оперативен раководител на аеродромот, истакна дека се обидувале да пронајдат беспилотно летало што сѐ уште се наоѓало во воздух.
За „Би-би-си“ (BBC) Вудруф рече дека биле забележани два дрона како летаат надвор од периметарот кон пистите, предизвикувајќи значително нарушување на работата на аеродромот.
„Изминатата ноќ (од затворањето на аеродромот) погодени се 10.000 патници“, истакна тој, додавајќи дека 6.000 патници кои требало да слетаат на „Гетвик“ биле пренасочени кон алтернативните аеродроми.
Околу 2.000 патници не полетале од своите аеродроми кон „Гетвик“, а уште 2.000 патници не можеле да стигнат до своите дестинации.
„До конечно средување на состојбата најверојатно ќе минат 24 часа и ќе биде потребно уште повеќе време за секој патник да стигне до своето одредиште“, додаде тој.
Полицијата сѐ уште трага по лицето кое ги раководело беспилотните летала, а таа не сака да ги собори дроновите, бидејќи заталканите куршуми претставуваат ризик.