Gülbin Yıldırım
20 Декември 2018•Ажурирај: 21 Декември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американската администрација соопшти дека вовела нови санкции врз 14 лица, главно вработени во Рускиот воен разузнавачки сервис (GRU) и врз три институции, под обвинение дека влијаеле врз политичките избори на светско ниво и поради спроведениот кибернапад врз Светската антидопинг агенција, јавува Anadolu Agency (AA).
Поради обидот за убиство на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Англија, САД на листата на санкции поставија уште две одговорни лица на Рускиот воен разузнавачки сервис.
Во писменото соопштение на американското Министерство за финансии се наведува дека канцеларијата за странски средства при Министерството, во рамките на Законот за борба против непријателите на Америка, со санкции ја проширила листата на Руси врз кои ќе бидат применети санкции.
Според тоа, администрацијата на САД донела одлука за воведување санкции врз поранешниот вработен во Рускиот воен разузнавачки сервис, Виктор Алексејевич Бојаркин, кој спроведува акции во име на рускиот олигарх Олег Дерипаска, кој во моментов се наоѓа на листата за санкции. Во соопштението се тврди дека Бојаркин и Дерипаска интервенирале на изборите во Црна Гора, обезбедувајќи финансиска поддршка за една политичка партија.
На американската листа на санкции, додадени се 9-мина сегашни службеници на Рускиот воен разузнавачки сервис поради нивните кибернапади врз различни земји, со цел влијаење врз политичките избори.
Поради обиди да влијаат врз политичките избори во рамките на „Проект Лахта“, воведени се санкции врз компаниите „Nevskiy News“ (LLC), „Economy Today“ (LLC) и „Federal News Agency“ (LLC).
На листата на санкции се ставени и Александар Малкевич и Елена Алексеевна Кусјајнова, поради нивните конекции со овие компании.
Поради тврдењата дека учествувале во кибернападот врз Светската антидопинг агенција, санкции ќе бидат спроведени и врз Алексеј Моренетс и Евгениј Серебријаков, вработени во Рускиот воен разузнавачки сервис.
Покрај тоа, во соопштението се наведува дека санкции ќе бидат воведени и кон Александер Петров и Руслан Боширов, одговорни лица во Воениот разузнавачки сервис, поради нивното учество во обидот за убиство на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Англија.