Elena Teslova
16 Септември 2022•Ажурирај: 17 Септември 2022
САМАРКАНД (АА) ‒ Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги повика Обединетите нации (ОН) да извршат притисок на Европската Унија да ги укине санкциите што го блокираат извозот на руско ѓубриво во земјите во развој, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на состанокот на Шангајската организација за соработка (SCO) во узбекистанскиот град Самарканд, Путин потсети дека ЕУ ги олеснила рестриктивните мерки за испорака на руски ѓубрива во Европа, но, како што рече, таквиот пристап ги дискриминира земјите во развој.
„Користејќи ја можноста, барам од денеска потсекретарот на ОН [за политички и мировни прашања, Розмари] Ди Карло, да влијае на одлуката на [Европската] комисија и да побара од Европската комисија да ги отстрани дискриминаторските ограничувања кон земјите во развој“, рече Путин.
„Штом тоа се направи, Русија е подготвена бесплатно да обезбеди 300.000 тони ѓубрива за земјите во развој“, додаде тој.
„Русија, исто така, го зголемува извозот на жито на светските пазари. Годинава ќе биде 30 милиони тони, а следната година, 50 милиони тони, од кои 90 отсто оди на пазарите во Азија, Африка и Латинска Америка“, рече тој.
На Самитот на Шангајската организација за соработка Путин го поздрави растечкиот меѓународен статус на регионалниот блок.
Тој рече дека повеќе од половина од светското население живее во земјите членки на Шангајската организација за соработка (ШОС), што е клучен фактор за огромниот потенцијал на организацијата.
ШОС продолжува „постојано да се развива, зголемувајќи ја својата улога во решавањето на меѓународните и регионалните проблеми, во одржувањето на мирот, безбедноста и стабилноста низ огромниот евроазиски простор“, рече Путин.
„Ова е особено важно во сегашната тешка меѓународна ситуација“, додаде тој.
Истакнувајќи дека во последно време дошло до значајни промени во глобалниот поредок, Путин рече: „Постои темелна промена во глобалната политика и економија, и во тоа нема враќање назад“.
Рече дека економската соработка треба да се одржува без себичност.
„Се надеваме дека другите учесници во економската соработка ќе ги градат своите политики на овој принцип и ќе престанат да користат незаконски санкции за сопствени цели“, додаде Путин.
Основана во 2001 година, ШОС моментално има осум членки ‒ Кина, Русија, Индија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Пакистан и Узбекистан.
Исто така, има четири земји набљудувачи ‒ Авганистан, Белорусија, Иран и Монголија ‒ и шест земји партнери: Азербејџан, Ерменија, Камбоџа, Непал, Туркије и Шри Ланка.
Процедурите за полноправно членство на Иран во ШОС се очекува да бидат завршени за време на тековниот самит во Самарканд, додека процесот за пристапување на Белорусија во блокот е формално започнат.