Meiramgul Kussainova
16 Септември 2022•Ажурирај: 19 Септември 2022
НУР СУЛТАН (АА) ‒ Парламентот на Казахстан го одобри Нацрт-законот со кој името на главниот град Нур Султан повторно ќе биде Астана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката седница на Долниот дом на Парламентот на Казахстан и Горниот дом на Сенатот, прифатен е Предлог-законот со кој се предвидува уредувањата на некои членови од Уставот, кој е основен закон на државата.
Според тоа, името на главниот град Нур Султан ќе биде сменето во Астана.
Предлог-законот ќе стапи во сила со датумот на неговото потпишување од страна на претседателот Касим Жомарт Токаев.
Претходно, група пратеници во Собранието на Казахстан, наведувајќи дека народот не може да го прифати новото име на главниот град (Нур-Султан), предложи на градот да му се врати старото име Астана.
Претседателите на Домот и Сенатот, исто така, посочија дека предлогот на пратениците го одразува мислењето на народот.
Портпаролот на претседателот на Казахстан, Руслан Желдибај, соопшти дека предлогот на пратениците е вклучен во Предлог-законот, со кој се предвидува да се воведат измени на некои членови од Уставот.
„Претседателот [Токаев] наведува дека историски факт е дека Нурсултан Назарбаев одигра клучна улога во зајакнувањето на Казахстан како држава и поставувањето на темелите на главниот град. Поради тоа, имињата на другите структури што го носат името на првиот претседател, нема да бидат променети“, додаде портпаролот.
Токаев на 12 септември од Уставниот совет добил позитивен одговор за усогласеноста на предлогот на пратениците со Уставот.
Претседателот Касим Жомарт Токаев, кој ја презеде должноста во Парламентот еден ден откако основачот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, поднесе оставка од претседателската функција на 19 март 2019 година, даде предлог за промена на името на главниот град Астана во Нур Султан.
И покрај демонстрациите и кампањите за петиции одржани во различни делови на земјата, предлогот беше едногласно прифатен во Собранието на 23 март 2019 година, и со тоа името на главниот град на земјата стана Нур Султан.