Ecenur Çolak
23 Јануари 2017•Ажурирај: 24 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Турција верува дека чекорите што би можеле да бидат усвоени на состанокот во Астана, Казахстан, ќе придонесат за политичкиот процес што се води во Женева, јавува Anadolu Agency (AA).
Дипломатски извори истакнаа дека турската делегација во обраќањето на првиот дел од средбата ја истакна важноста од присуството на претставниците на опозицијата во Астана.
„Турција уште од почетокот говори дека кризата во Сирија нема воено решение. Потребен е фокус на зајакнувањето на прекинот на огнот воспоставен на 30 декември. Сакаме средбата во Астана да биде можност за преземање чекори во тие рамки и да заврши кршењето на прекинот на огнот. Заедно со прекинот на огнот, важно е да се воспостави проток на хуманитарната помош“, се вели во обраќањето.
Изворите истакнуваат дека е важно да се сретнат делегациите на сирискиот режим со претставниците на сириската опозиција.
На иницијатива на Турција и Русија, денес во Астана започна состанокот за Сирија на кој преговараат делегациите на воените опозициски групи, делегацијата на сирискиот режим, како и делегациите на Турција, Русија, Иран и на САД.
Делегацијата на сириската опозиција на состанокот ја претставуваат 14 членови, воени претставници на опозициските групи кои се борат на боиштата во Сирија.