Emel Öz Gözellik
15 Август 2016•Ажурирај: 16 Август 2016
АНКАРА (АА) - Научниците од италијанскиот Национален институт за инфективни болести Лазаро Спаланцани во Рим открија дека вирусот зика може да опстане во спермата и до шест месеци, што е двапати подолго од претходните претпоставки, јавува Anadolu Agency (AA).
Претходните истражувања укажаа дека вирусот зика во спермата може да опстане (преживее) до три месеци, но италијанските научници го открија вирусот во спермата на еден 30-годишен пациент и шест месеци по појавата на првите симптоми на вирусот.
Заразениот Италијанец во јануари престојувал на Хаити, каде што го каснал комарец од видот аедес. По враќањето во Италија почнале да се појавуваат симптоми, како што се висока температура, замор и мачнина, а 93 дена подоцна, во неговата плунка, урина и сперма откриен е вирусот зика.
Во спермата на заразениот пронајден е вирусот и по 181 ден, со што е потврдена можноста дека овој вирус самостојно се обновува во репродуктивниот систем на мажите.
Деталниот извештај на истражувањата на италијанските стручни лица е објавен во списанието „Евросрвеиланс“ (Eurosurveillance).
За вирусот зика не постои вакцина ниту лек за третирање вируси. Симптомите обично вклучуваат треска, осип, болки во зглобовите, црвенило и болка во очите, болка во мускулите, главоболка и повраќање. Симптомите обично почнуваат три до седум дена по каснувањето од заразен комарец. Покрај со каснување од комарец, вирусот зика се пренесува и се шири со трансфузија на крв, но и со сексуален контакт.
Вирусот минатата година ескалираше во Бразил, кога беа регистрирани над 2.400 случаи во 20 бразилски држави, во споредба со 147 случаи во 2014 година. Поголемиот дел од пациентите беа родилки со треска, осип и главоболка. Откриено е и тоа дека вирусот зика предизвикува микроцефалија, невролошко нарушување што може да доведе до нецелосен развој на мозокот кај новороденчињата.