Mesut Varol
28 Август 2019•Ажурирај: 31 Август 2019
ВАН (АА) - Во археолошките истражувања на тврдината Ајанис изградена од Руса II, кралот на Урарту, откриени се првите примероци на синтетички бои, кои рачно се направени од луѓето во Анадолија, пишува Anadolu Agency (AA).
При 30-годишното археолошко ископување и реставрација на тврдината Ајанис во подрачјето на Ван, која со своите декорации, ѕидови од керпич и гравура во камен претставува едно од највеличенствените зданија на Кралството Урарту, што опстанало до денес, а потекнува од пред 2.700 години, пронајдени се нови откритија.
Во ископувањата под водство на проф. д-р Мехмет Ишикли, член на Катедрата за настава на Факултетот за археологија при Универзитетот „Ататурк“, на ѕидот од делот на тврдината каде што се извршувале верски обреди откриена е боја која е користена пред 2.700 години.
Благодарение на анализите спроведени од академици кои се експерти во својата област, откриено е дека станува збор за првата синтетичка боја рачно направена од луѓето во Анадолија.
- „Можно е да биле инспирирани од езерото Ван“ -
Проф. д-р Ишикли изјави дека во овогодинешните археолошки ископувања ги откриле насликаните ѕидови од тврдината.
Ишикли истакна дека на откриените ѕидови имало детали кои претходно ги забележале, додавајќи дека внатрешноста на салонот е обоен во сина боја.
Проценувајќи дека Урартците инспирирани од езерото Ван ја избрале тиркизната боја, проф. д-р Ишикли истакна:
„Оваа боја е важна од историски аспект. Извршивме анализа. Познато е дека луѓето со милениуми користеле боја, но тоа беа природни бои. Тоа била боја добиена од корен или од камења во боја кои можеле да се најдат во природата. Она што го откривме тука, во археолошката литература се дефинира како синтетичка боја наречена „египетско сина“. Станува збор за боја рачно направена, составена од хемиска мешавина. Поради тоа и таа е многу посебна. Станува збор за прва боја која во Анадолија е изработена од човечки раце. Изработена е од Урартците пред 2.700 години. Такви примери можат да се забележат во Египет. Бидејќи претходно е откриена во Египет, позната е под името „египетско сина“. Оваа боја денес можеме да ја видиме во модерните домови.“