Tufan Aktaş
20 Декември 2019•Ажурирај: 22 Декември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Етиопија во орбитата го лансираше првиот набљудувачки сателит кој го изработија домашни и кинески експерти, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Етиописката државна телевизија објави дека сателитот ETRSS-1 е лансиран од комплексот во Кина.
Сателитот тежок 70 килограми го изработи инженерскиот тим од 21 член, а ќе го контролира посадата која се наоѓа во станицата Ентото во Адис Абеба.
Директорот на етиопискиот Институт за научни и технолошки истражувања на вселената, Соломон Белај, изјави дека Етиопија повеќе нема годишно да издвојува 12 милиони долари за снимки од вселената, туку дека самата ќе ги произведува и продава.
Етиопија е источноафриканска земја во која земјоделството и сточарството претставуваат главна економска гранка, но власта на земјата во изминатите неколку години започна низа технолошки проекти, вклучувајќи и изработка на сопствен вселенски сателит.
Податоците кои сателитетот ќе ги праќа на експертите во Етиопија би требало да помогнат во борбата против климатските промени кои особено се изразени во тој дел на Африка.
Етиопија на тој начин влезе во групата на Гана, Нигерија, Јужноафриканската Република и Руанда кои се меѓу ретките африкански земји кои имаат сателити во вселената.