Abebech Tamene
12 Јуни 2016•Ажурирај: 13 Јуни 2016
АДИС АБЕБА (АА) - Денес во светот се одбележува Денот на борбата против детскиот труд, а милиони деца во Етиопија, една од најсиромашните земји во светот, се принудени да работат, бидејќи нивната егзистенција, како и егзистенцијата на нивните семејства зависи од нивната работа, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу децата кои се изложени на економско искористување и извршување на често по здравјето тешки работи е и 11-годишниот Андуалем, кој не знае дека денес се одбележува денот чија цел е подигнување на свеста и покренување на акции во светот против искористување на детскиот труд.
Андусалем работи како заварувач во вулканизерска работилница во самиот центар на главниот град на Етиопија, Адиа Абеба. Неговото работно место е воедно и негов дом.
- Заварувач со само 11 години -
„Кога имав седум години, перев автомобили, а тогаш научив да заварувам. Тоа е тешка работа, посебно штетна за видот. Живеам во гаражата каде што и работам, бидејќи еден до два долари на ден се недоволни за покривање на трошоците на храна и сместување”, му раскажа момчето на новинарот на АА.
Андуалем, чии родители живеат на село, никогаш не одел на училиште, а во етиопската престолнина дошол кога имал седум години.
Меставет, пак, продава пржени житарки на улица.Татко ѝ е столар а мајка ѝ работи повеќе работи. Ниеден од нив двајца нема постојано вработување, па Меставет е принудена да работи со цел да ги задоволи егзистенцијалните потреби на своето семејство.
„Некои луѓе ме навредуваат, но никогаш не престанав да работам”, рече седумгодишното девојче.
Според истражувањето кое го спроведе министерството за труд и социјални прашања во пет региони од оваа источноафриканска држава, над 16.500 деца работат традиционално ткаење или земјоделие. Половина од тие деца работат со цел да им помогнат на семејствата а најголем дел од нив, 73 отсто, не одат на училиште.
- Во Етиопија работат над 5 милиони деца -
Според податоците на етиописката Централна агенција за статистика, од 22 милиони деца во таа земја, над 5,5 милиони на возраст меѓу пет и 14 години се работници.
Според министерството за труд и социјални прашања, децата често работат во смени во времетраење од 12 часа за многу мали примања.
Податоците од Светската банка покажуваат дека Етиопија, втора најмногубројна држава во Африка, има околу 97 милиони жители, од кои скоро 30 отсто живеат со помалку од 0,6 долари дневно.
Од министерството за труд истакнаа дека етиопската економија, која забележа стапка на раст од 10,9 отсто, им помогнала на семејствата да ги нахранат и да ги испратат своите деца во училишните клупи.
„Подобрувањето на животниот стандард, соочувањето со злоупотребата на детскиот труд низ сеопфатен микросекторски план е стратегија за ставање крај на работата на децата”, наведува министерството.
Од етиопската влада потврдија дека подготвуваат петгодишен план со цел да се изборат со искористувањето на децата и детската работа во таа земја. Истакнаа дека досега министерството во соработка со невладиниот сектор и граѓанските здруженија успеаа да пружат помош на околу 7.000 семејства и да овозможат за над 30.000 деца изложени на штетното опкружување пристап до образование.