Firdevs Yüksel
20 Декември 2019•Ажурирај: 22 Декември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Првата пловечка нуклеарна централа во светот, „Академик Ломоносов“, беше поврзана со мрежата за да обезбедува електрична енергија во крајбрежниот рударски град Певек, на далечниот исток на Русија, соопшти руската државна компанија „Росатом“, пренесува Агеција Анадолија (АА).
Пловечката централа со должина од 144 метри и ширина од 30 метри, опремена со два 35 мегаватни реакторски системи KLT-40C, слични на оние што се користат на мразокршачите, може да генерира доволно електрична енергија за околу 100.000 домови.
Тоа го означува официјалниот почеток на работењето на првите мали модуларни реактори (SMR) во светот, и според генералниот директор на „Росатом“, Алексеј Лихачев, тоа претставува и огромен чекор во поставувањето на Певек како нов енергетски главен град во регионот.
„По нејзиното приклучување на мрежата, „Академик Ломоносов“ станува првата нуклеарна централа во светот заснована на технологијата на мали модуларни реактори за производство на електрична енергија. Ова е извонредна пресвртница и за руската и за светската нуклеарна енергетска индустрија“, рече Лихачев.
Целосното поврзување на пловечката нуклеарна централа со мрежата за греење во градот Певек ќе биде финализирано во 2020 година. Откако ќе започнат операциите, фабриката ќе стане единаесетта нуклеарна централа во Русија.
Според компанијата, мрежното поврзување следуваше по издавањето на дозволата од страна на рускиот регулатор „Ростехнадзор“, како и дозволата за приклучување на северната електрична мрежа што ја одржува „Чукотерерго“.
Пловечката нуклеарна централа, именувана по рускиот научник од 18 век, Михаил Ломоносов, ќе ги замени застарените капацитети на нуклеарната централа „Билибино“ и на комбинираната централа „Чаунскаја“, и ќе стане базичен објект за производство на енергија во Чукотка, автономниот руски регион на далечниот исток.
Двата реактора на „Академик Ломоносов“ се дел од пилот-проект и прототип за идна флота на пловечки нуклеарни централи и крајбрежни инсталации со мали модуларни реактори од руско производство. Малите единици за добивање електрична енергија ќе бидат на располагање за доставување до тешко пристапните предели на рускиот север и далечниот исток, како и за извоз.