Elena Teslova
05 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
МОСКВА (АА) - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) се стремат кон зајакнување на своето воено присуство во Кипар, јавува Anadolu Agency (AA).
„Американската делегација неодамна ги прегледа стратешките воени објекти во Кипар со намера за понатамошно стационирање“, изјави Захарова на прес-конференцијата во Москва.
„Понатамошната милитаризација на островот ќе има дестабилизирачко влијание врз Кипар, бидејќи Москва ги гледа таквите планови како антируски и ќе преземе компензирачки мерки“, изјави таа.
- Русија ги негира обвинувањата на САД за прекршување на Договорот за нуклеарното вооружување -
Коментирајќи го ултиматумот на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, кој ѝ даде 60 дена на Москва да се придржува до Договорот за нуклеарно вооружување од среден дострел (INF) поради нејзините прекршувања на истиот, Захарова нагласи дека не постојат прекршувања на договорот од руска страна.
Таа изјави дека обвинувањата на САД немаат основа и дека ниту еден доказ не ѝ е понуден на Русија да се докаже тврдењето на САД.
„Повторно потврдивме дека Договорот е еден од клучните столбови за стратешка стабилност и меѓународна безбедност“, изјави таа.
Договорот за нуклеарни сили од среден дострел беше потпишан во 1987 година од страна на тогашниот советски лидер Михаил Горбачов, и американскиот претседател Роналд Реган.
На 21 октомври, американскиот претседател Доналд Трамп ја најави својата одлука за повлекување од Договорот.