Elena Teslova
31 Јануари 2019•Ажурирај: 01 Февруари 2019
МОСКВА (АА) - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес изјави дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро има причини да се грижи за безбедноста на својот живот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во однос на соопштението на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, во кое наведе дека е загрижен за својата сопствена безбедност, како да не биде, кога претставниците на американските структури за спроведување на законот официјално и директно нагласија дека тој мора да биде заменет, дека не го признаваат неговиот претседателски имунитет, ниту неговиот статус“, изјави Захарова на прес-конференција.
Според нејзините изјави, опасноста од воена интервенција во Венецуела останува на сила и доколку се случи, ќе резултира со хуманитарна и миграциска криза.
Таа, исто така изјави дека новите санкции кон нафтениот сектор на земјата можат да доведат до еколошка катастрофа, бидејќи е невозможно да се запре производството на нафта во рок од 24 часа.
Во Венецуела се одржуваат протести од 10 јануари, откога Мадуро положи заклетва за својот втор мандат по гласањето кое беше бојкотирано од опозицијата.
Минатата недела, претседателот на Националното собрание, Хуан Гваидо, се самопрогласи за привремен претседател на државата, кого потоа го признаа и САД, Канада, Колумбија, Перу, Еквадор, Парагвај, Бразил, Чиле, Панама, Аргентина, Костарика и Гватемала.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, набргу возврати, прекинувајќи ги дипломатските односи со Вашингтон и ги обвини САД за организирање државен удар против властa.