Tevfik Durul
31 Јануари 2019•Ажурирај: 01 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Новинарите во Кина ја открија ужасната практика на раздвојување на родителите од децата од муслиманските ујгурски и казахстански семејства и нивното подложување на пропаганда во изолирани центри кои се познати како центри за преобразување, пренесува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Bitter Winter“ со седиште во Италија, често известува за состојбата на човековите права и слободи во Кина, а неодамна објави текст во кој се наведува дека родителите и децата во Автономната Ујгурска Покраина Ксинџијанг се раздвојуваат во изолирани кампови и се подложуваат на „перење на мозокот“.
Ксинџијанг е најголемата кинеска покраина во која живее доминантно муслиманско население кое го сочинуваат припадници на туркиската етничка заедница Ујгури и етнички Казахстанци.
Весникот „Bitter Winter“ во извештајот на тимот од истражувачки новинари наведува дека раздвоените деца се сместени во синџир на градинки и училишта под називот „Ајшин“.
Станува збор за изолирани установи каде што се учи исклучиво кинески јазик и во кои на сила се високи безбедносни мерки.
Децата од зад ѕидовите и бодликавата жица околу градинките и училиштата со родителите се гледаат само еднаш месечно и тоа преку видеолинк и под надзор на воспитувачите. Средбите најчесто завршуваат со плачење на децата кои сакаат да бидат со своите родители.
Истата медиумска куќа објави видеоснимка која ја доставил еден од родителите, чии деца се сместени во камповите кои властите ги опишуваат како „засолништа“.
Снимката е направена во август минатата година во еден од камповите во населбата Капкал. На неа се гледа дека сите посетители на влезот на кампот се подложени на полициска контрола на личните документи и на работите кои ги носат.
Во книгата за евиденција на децата во кампот, меѓу другото, се наоѓа и квалификација на „семејства со двоен притвор“, која стои покрај имињата на децата, чии двајца родители се сместени во камповите.
На објавената снимка се гледаат високите контролни кули, високите ѕидови со бодликава жица и надзорните камери со кои се следи секој чекор во изолираниот комплекс.
Уште некои од работите кои се гледаат на снимката се просториите со шлемови и штитови, военомаскирани тренери кои ги обучуваат децата, географски карти на Кина на влезовите и детските простории за спиење и пропагандните пораки на ѕидовите на кои најчесто пишува „Кинез сум и ја сакам својата татковина.
“Снимките од видеото се совпаѓаат со содржината од извештајот на Обединетите нации за камповите кои се претставуваат како засолништата, и во кои се наоѓаат најмалку милион луѓе.
Еден од наставниците од овие училишта за весникот „Bitter Winter“ истакна дека најтешка работа за воспитувачите е тоа што децата во вечерните часови плачат и бараат да бидат со родителите.
Неименуваниот соговорник тврди дека наставниот кадар е ангажиран без сопствена волја.
„Повеќето наставници се исцрпени од замор. Нема решение. За погрешено кажан збор одите на неограничена едукација, без оглед на вашата етничка припадност. Така, вашиот дом останува празен, а децата ви завршуваат во вакви установи“, рече еден од наставниците кој од безбедносни причини не го откри својот идентитет.
Кинеските организации за заштита на човековите права веќе одредено време се обидуваат на меѓународната заедница да ѝ укажат на проблемот на ујгурската заедница во Ксинџијанг, каде што милиони луѓе се затворени во логорите за преобразување и доедукација.
Активистите во текот на заседавањата на Комитетот на Обединетите нации за борба против расната дискриминација во Женева кажаа дека властите во Ксинџијанг во логори ги притвораат сите луѓе со непожелни ставови и мислења, за политичка доедукација.
Во текот на презентирањето, активистите од Кина наведоа дека се скратени слободите на вкупно 3 милиони луѓе, и тоа без никакво судско процесуирање.
И меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (HRW) во неодамнешниот извештај наведе дека многу луѓе во Ксинџијанг во изминатите две години завршиле во притвор во таканаречените центри за политичка едукација, а станува збор за луѓе кои властите ги оцениле како опасни и против нив наредиле таканаречено превентивно полициско дејствување.
Европската Унија изрази загриженост поради постоењето на овие центри за политичка едукација и тоа јасно им го пренела на кинеските претставници на состанокот, насловен „Дијалог за човековите права“.
Официјален Пекинг го негира постоењето на таквите логори во Ксинџијанг, а од Министерството за надворешни работи на Кина тврдат дека станува збор за центри кои се користат исклучиво за стручно образование.