Elena Teslova
24 Септември 2019•Ажурирај: 25 Септември 2019
МОСКВА (АА) - Русија ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) за прекршување на меѓународните обврски со одбивањето на визите на 10 члена на руската делегација, кои требаше да присуствуваат на Заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ова е загрижувачка ситуација и таквите активности не се прифатливи“, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Опишувајќи го ваквиот акт како директно прекршување на меѓународните обврски, тој рече дека ваквите потези повикуваат на остра реакција од страна на Москва.
„Американската Амбасада во Москва ги прифати апликациите на 10 члена на руската делегација, но не им ги врати нивните документи со кои ќе можат да учествуваат на дискусиите на 74. Заседание на Генералното собрание на ОН“, изјави Песков за новинарите во Москва.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, исто така потврди дека визите не им биле доставени на седум дипломати и тројца пратеници, вклучувајќи го претседателот на Комитетот за надворешни работи и заменик-секретарот на партијата Обединета Русија, Константин Косачев.
„Ова е директно прекршување на меѓународните обврски на Вашингтон, затоа што не одиме таму на билатерална посета. Ние разговараме за посета на руската делегација на Генералното собрание на ОН. Америка ја обезбедува својата територија во седиштето на ОН, и всушност единствено право кое Америка го има е да ограничи, на пример, да издаде специфична градска виза, на пример за Њујорк“, изјави Песков.
Русија го повика американскиот амбасадор Џон Хантсман во руското Министерство за надворешни работи.
„Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров ќе ја разгледа оваа тема на состанокот со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш“, рече Песков.
„Ова, се разбира, бара остра реакција од Москва и, според наше мислење, од страна на ОН, бидејќи ситуацијата директно се однесува на ОН и нивното седиште“, рече тој.
Опишувајќи го како голем преседан, рускиот официјален претставник предупреди дека тоа во иднина може да се повтори и со претставниците на другите земји.