Ali Cura
11 Јануари 2019•Ажурирај: 13 Јануари 2019
МОСКВА (АА) - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, проценува дека иако изгледа како Соединетите Американски Држави (САД) да ги повлекуваат своите сили од Сирија, сепак САД бараат изговор за да останат, јавува Anadolu Agency (AA).
На организираната прес-конференција, Захарова даде проценка за агендата на политичките случувања.
Потсетувајќи дека минатиот месец претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека ќе ги повлече американските воени единици од Сирија, Захарова истакна: „Во таа насока, од големо значење е воспоставувањето на договор меѓу Курдите и Дамаск. Како што во повеќе наврати рековме, Курдите се дел од сириската заедница. Влегувањето под владина контрола на подрачјата на кои живее курдската популација, ќе го неутрализира ризикот по безбедноста на сириските соседи“.
Иако може да се добие впечаток дека САД се повлекуваат од Сирија, Захарова рече дека САД бараат изговор за да останат, додавајќи дека поради незнаењето на стратегијата на Вашингтон, не се сигурни околу повлекувањето на САД од Сирија.
Портпаролката Захарова додаде: „Во моментов изгледа како да се повлекуваат, но како во некој љубовен филм, САД бараат изговор за да останат“.
Истакнувајќи дека повлекувањето на американските воени единици од Сирија претставува вистински чекор, Захарова рече: „Веруваме дека по заминувањето на Американците, испразнетите подрачја ќе преминат под контрола на сириската Влада“.
Повторувајќи дека Москва го следи судскиот случај за убиството на рускиот амбасадор Андреј Карлов што се води во Анкара, Захарова истакна дека ќе продолжат да го следат случајот, со надеж дека на крајот од судскиот процес пред лицето на правдата ќе бидат изведени сите замешани во тоа дело и ќе бидат казнети во согласност со законите.