Behlül Çetinkaya
05 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
ИСЛАМАБАД (АА) - Врховната изборна комисија на Пакистан (ECP) соопшти дека Ариф Алви победил на вчерашните индиректни избори во оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се наведува дека Алви, кандидатот на владејачката партија на Пакистан, Техрик-е-Инсаф (PTI), освоил 352 од вкупно 660 важечки гласа и е избран за 13. претседател на земјата.
Неговиот противкандидат Аитзаз Ахсан од најсилната опозициска Народна партија на Пакистан, освои 124, а заедничкиот кандидат на другите опозициски партии, Мевлана Фазлур Рехм, доби 184 гласа.
Претседателот на Пакистан на индиректните избори го бираат пратениците на двата дома на Парламентот, Сенатот и Националното собрание, како и пратениците на четири регионални собранија.
Мандатот на актуелниот пакистански претседател Мемун Хусеин истекува на 9 септември, кога оваа функција ќе ја преземе 69-годишниот Алви.
Во својот победнички говор, Алви им се заблагодари на законодавците кои гласаа за него, уверувајќи ги дека ќе биде претседател на Пакистан, а не на својата партија.
„Ја уверувам нацијата дека сега сум претседател на Пакистан, а не на една партија. Ќе работам напорно за добробитта на нацијата“, изјави Алви пред новинарите.
Со мандатот од пет години, претседателот на Пакистан е симбол на федерација, шеф на државата и врховен командант на вооружените сили, но владее според препораките на премиерот.