Mohamad Misto,Adham Kako
10 Март 2018•Ажурирај: 12 Март 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (AA) - Мухамед Мисто/ Адам Како
Во интензивните напади на сириската Источна Гута, уништена е и џамијата „Хузејфе“. Ебу Гасан, кој 20 години е муезин на оваа џамија, не дозволува да запре езанот од џамијата, која е уништена во текот на воздушните напади, изведени на 19 февруари, пишува Anadolu Agency (AA).
И покрај тоа што е уништен поголемиот дел од минарето, михработ и ѕидовите од оваа стара џамија, Ебу Гасан не престанува да се провлекува низ разорените улици на Источна Гута и да доаѓа да учи езан за пет дневни намази - верските обреди кај муслиманите.

Тој не престанува да се моли, иако е сам во уништената џамија. Во копнените и воздушните напади на силите на сирискиот претседател Башар ал-Алсад и на неговите приврзаници, со месеци наназад се уништуваат згради, историски објекти и џамии.
И џамијата „Хузејфе“ е една од нив. Со години служеше за верски обреди на муслиманите од ова подрачје.
Ебу Гасан за АА раскажа дека е муезин на оваа џамија веќе 20 години. Тажно е, како што рече, што е уништено местото каде што секојдневно клањал пет намази и учел езан. Според зборовите на Гасан, џамијата, покрај верските обврски, била место на собирање на граѓаните од овој сириски град.
„Ги бомбардирааат сите места, дури и црквите“, изјави тој.
Потсети дека цивилите, поради интензивни напади се приморани да ги напуштаат своите домови и спасот да го бараат на некои побезбедни места.
Овој сириски град, во кој некогаш живееле околу 400.000 цивили, пет години е под опсада на силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Според она што може да се види, во Источна Гута повеќе и нема живот. Од станбените објекти, кои некогаш биле нечии домови, сега останаа само урнатини.
Вооружените сили на сирискиот режим на Башар ал-Асад и нивните поддржувачи, и покрај Одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за едномесечно примирје, продолжуваат со нападите на Источна Гута.

Податоците на Цивилната заштита во Источна Гута покажуваат дека во режимските напади во текот на претходните 18 дена загинал 881 цивил. Нападите од воздух и од копно на Источна Гута, која е под контрола на опозицијата, се интензивираа во последните три седмици.
Нападите на припадниците на режимот, на Русија и на странските терористички групи врз населбите, ги натераа цивилите, спасот и засолништето да го бараат под површините на земјиштето. Голем број жители, поради интензивните напади, се плашат да излезат од засолништата.
Нацртот на Резолуцијата за примирјето, го предложија и Шведска и Кувајт, а Резолуцијата во Советот за безбедност едногласно е усвоена на 24 февруари. Со оваа резолуција е договорено 30-дневно примирје, во чии рамки ќе биде овозможена достава на хуманитарна помош и медицинска евакуација.
Во Резолуцијата, од сите страни во Сирија е побарано судирите да запрат на период од најмалку 30 дена за хуманитарната помош сигурно, непречено и одржливо да се доставува низ земјата, за ранетите и болните во тешка состојба да можат да бидат евакуирани.
Исто така, побарано е да запре опсадата во Источна Гута, Јармук, Фуа и Кефраја - регионите кои се под окупација на сирискиот режим и во кои е присутна алармантна хуманитарна криза.
Со Договорот во Астана минатата година, Источна Гута е прогласена за зона на деескалација на судири. И покрај тоа, режимот на Асад во последните неколку дена ги интензивираше нападите.
Кризата во тој регион секој ден е сè поголема, а илјадници болни луѓе чекаат на евакуација. Голем број деца во Источна Гута починаа поради неможност да пристапат до доволна количина храна и лекови.