АНКАРА (АА) – Режимот на Башар ал Асад не се откажува од употребата на хемиско оружје против опозициските сили и против цивилите во Сирија. Режимот вети дека сигурно ќе ги уништи резервите на хемиското оружје со договорот меѓу САД и Русија, но од овој договор досега, 162 пати употреби хемиско оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимот на Асад на 21. август 2013 година употреби хемиско оружје во регионот на Источна Гута, во Дамаск, што беше причина за смртта на над 1.400 цивили и повредени над 10.000 цивили, од кои повеќето деца и жени.
Згора на ова, се појавија очекувања од напад на САД врз Сирија, како резултат на претходно најавената „црвена линија“. Меѓутоа, Русија го спречи овој напад со предлогот режимот да ги уништи сите резерви на хемиско оружје. Страните се договорија на 15. септември 2013 година, а процесот на уништување беше започнат со вклучување на Организацијата за забрана на хемиско оружје. Организацијата соопшти дека процесот е комплетиран на 19. август 2014 година.
Меѓутоа, оружјето што го уништи организацијата беше ограничено со инвентарот што го пријави Асад. Нападите со хлорен гас од страна на режимот, кои се повторуваат, покажуваат дека режимот не ги уништил сите резерви на хемиско оружје и успеал да сокрие дел од нив.
Мрежата за човекови права во Сирија на 20. февруари објави извештај во кој наведува дека режимот во последните три години најмногу користел хемиско оружје во Идлиб, руралните предели на Дамаск, Хама и во Алепо. Режимот употребил хемиско оружје 162 пати, а во овие напади убиени се најмалку 230 цивили.
Режимот во последните 10 дена изврши 4 напади со хлорен гас, и тоа во Хама и во Дамаск и два во Идлиб. Во нападот од 25. Март, во областа Латамне во Хама, двајца цивили загинаа, а 30 лица беа затруени од гасот.
На 30. март пак, во населбата Кабун во Дамаск, која е под опсада на режимот, 35 цивили беа затруени од хлорен гас, поради извршениот напад.
Во нападот со хлорен гас, синоќа во областа Ел Хабит во Идлиб беа затруени 20 цивили.

Утрово беше извршен напад со хлорен гас во областа Хан Шејхун, во јужниот дел на Идлиб. Бројот на мртвите е над 100, а 500 цивили се повредени, од кои повеќето деца.
Властите кои дадоа изјава во врска со темата јавуваат дека постои загриженост оти бројот на мртвите ќе расте.
- Режимот негира -
Од друга страна, режимот сѐ уште тврди дека не употребува хемиско оружје. Постојаниот член за Обединетите нации (ОН) на режимот, Башар Џафери, тврдеше дека нападот со хемиско оружје од 2013 година во регионот на Гута, во источен Дамаск, бил организиран од страна на француската разузнавачка служба.
Овие тврдења на Џафери беа негирани во извештајот на комисија на ОН и Организацијата за забрана на хемиското оружје, формирана со цел да ги утврди страните кои употребуваат хемиско оружје во Сирија.
Во наведениот извештај беа утврдени само три од овие напади, поради ограничената дозвола за истражување од страна на режимот. Според извештајот, кој овој механизам го објави на 21. октомври, режимот употребил хемиско оружје на 21. април 2014 година, во селото Талманес во Идлиб, на 16. март 2015, во селото Сармин, и на 21. август 2016 година во гратчето Маре, во Алепо.
Дописниците на АА во Сирија, кон крајот на минатата година објавија извештај во врска со зачестувањето на нападите со хемиско оружје од страна на режимот.
- Хемиските напади и минатата година не беа намалени -
Бомбите што содржат хлорен гас на 6. септември 2016 година затруја 100 цивили во областа Сукери во источен Алепо, кој во тој период беше под опсада на режимот.
На 12. ноември, Организацијата за забрана на хемиското оружје за првпат го осуди режимот, поради тоа што продолжува да користи хемиско оружје. Меѓутоа, Асад не стави крај на геноцидот со хемиско оружје.
Барелна бомба со хлорен гас, која на 24. ноември беше фрлена во областа Џезметли и Ард Хамра во источен Алепо, беше причина за затруеност на 13 цивили.
Хлорните бомби, пак, кои беа фрлени во регионите Џелум, Баб Кинисријн, Келесе, Бустан ел-Каср, Меајир, Меади, Фирдевс, Енсари и Зибдијеве Месакин Фирдев во источниот дел на Алепо, беа причина за смртта на 46 цивили и за повреда на 230 цивили.
На 12. декември, во областа Акирбат во Хама, 85 цивили беа жртви на напад со сулфурен иперит.
На 26. декември 2016 година и на 5. јануари 2017, областа Барада во Дамаск, која е под опсада на режимот и неговите поддржувачи, милициските сили, два пати беше погодена со хлорен гас. Десетици лица настрадаа од гасот.
На 9. февруари 2017 година, пак, во регионот Источна Гута, во Дамаск, еден доктор и неговиот пациент починаа, а 30 цивили беа затруени.