Mustafa Melih Ahıshalı
13 Ноември 2017•Ажурирај: 13 Ноември 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Најмалку 211 лица загинаа во западниот дел на Иран во синоќешниот силен земјотрес што го погоди ирачкото гратче Халебџе, во близина на ирачко-иранската граница, пренесува Anadolu Agency (AA).
Директорот на Цивилната заштита на западната иранска покраина Керманшах, Риза Махмуди, за иранската новинска агенција „Тасним“ изјави дека најмалку 211 лица загинале, а најмалку 2.504 се повредени во пограничниот регион.
Истиот извор известува дека во регионот се испратени дополнителни екипи на Цивилната заштита кои со авиони и хеликоптери доставуваат помош на загрозеното население.
Иранскиот верски лидер, ајатолах Хамнеи, им нареди на војската и владините институции да ги стават на располагање сите ресурси за да им се помогне на луѓето во регионот погоден од земјотрес.
Покраинската влада во Керманшах прогласи тридневна жалост.
Американскиот центар за геолошки истражувања синоќа регистрираше земјотрес со јачина од 7.2 степени по Рихтер, а епицентарот беше недалеку од ирачкиот пограничен град Халебџе.