политика

Лидерската средба без епилог за одржување на референдумот

Премиерот Зоран Заев истакна дека преговорите главно биле фокусирани на прашањето за референдумот, односно за формирањето на ДИК, најавувајќи уште еден состанок во недела навечер или понеделник

Bekim Laci  | 19.07.2018 - Обновена : 20.07.2018
Лидерската средба без епилог за одржување на референдумот Bekim Laci/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - И покрај одредениот мал напредок, ни денешната средба на лидерите на политичките партии не обезбеди решение за надминување на разликите меѓу опозицијата и позицијата во врска со деблокирањето на политичката криза за избор на нов состав на Државната изборна комисија (ДИК), која ќе треба до го организира референдумот за Договорот со Грција, јавува Anadolu Agency (АА).

По состанокот, кој траеше околу четири часа, премиерот на Македонија, Зоран Заев, истакна дека преговорите главно биле фокусирани на прашањето за референдумот, односно за формирањето на ДИК, најавувајќи уште еден состанок недела навечер или понеделник.

„Постојат прашања кои лесно се договараат, но има прашања кои не се договараат лесно. Верувам дека сме свесни дека овој процес е во броени денови, затоа што сакаме навремено да спроведеме референдум, по кој успешен референдум ќе следуваат уставни промени во македонскиот Парламент, за да можеме рано идната година да очекуваме одлука и во грчкиот Парламент, тие рокови се поврзани“, рече Заев, убеден дека следниот состанок ќе биде продуктивен.

Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, истакна дека темите што се разгледуваат на средбата не се нови, додавајќи дека во некои прашања ставовите биле приближени.

„Доколку навистина се стремиме кон европските вредности и принципи така треба и да се однесуваме, и истите вредности не само декларативно да ги соопштуваме, туку истите и да ги применуваме во дело, тоа подразбира почитување на законите и на Уставот, и да се превенира поставувањето повеќесмислени прашања“, изјави Мицковски, кој рече дека на средбата разговарале и за поинакво формулирање на референдумското прашање кое вчера го презентираше премиерот Заев.

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, истакна дека сите политички партии се заинтересирани за изнаоѓање компромис што ќе ги реши постоечките разлики, додавајќи дека успешното финализирање на спорот со Грција бара ангажирање од сите страни вклучени во процесот.

„Решението останува да се постигне во наредните денови, бидејќи не се исцрпени сите опции за кои ќе се разговара во наредните денови. Очекувам сите да постапуваат смело, за да не ја изгубиме оваа историска шанса“, рече Ахмети.

Лидерот на едното од крилата на Движењето БЕСА, Билал Касами, рече дека неговата партија ќе игра конструктивна улога во процесот, избирајќи ги членовите на ДИК.

„Државата е во многу критична состојба, во многу значајна позиција да продолжи со процесот на евроинтеграции, затоа овој состанок го поздравуваме“, рече меѓу другото Касами.

За разлика од вчерашната средба, денеска се одржа средба на лидерите на парламентарните партии во Македонија во помал формат, со учество на само четири партии, две македонски и две албански, на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кој вчера изрази незадоволство од неговиот широк формат.

Лидерската средба беше свикана поради одложување на избирањето на членовите на ДИК, иако партиите беа однапред договорени за имињата на овие членови, што го спречува референдумот во кој македонските граѓани ќе треба да се изјаснат дали го прифаќаат Договорот со Грција, со кој се предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, што е главен услов за членство во НАТО и отворање на преговорите со Европската Унија (ЕУ).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın