Балкан

Во Скопје се одржува лидерската средба свикана од претседателот Пендаровски

Средбата беше најавена во петок, а на неа присустуваат лидерите на партиите од власта и опозицијата

Abdula Berisha  | 20.10.2019 - Обновена : 20.10.2019
Во Скопје се одржува лидерската средба свикана од претседателот Пендаровски (Foto: Abdula Berisha/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) - Во претседателската „Вила Водно" започна лидерската средба на претседателите на парламентарните политички партии свикана од претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, јавува Anadolu Agency (AA).

Средбата беше најавена во петок од претседателот Пендаровски кога тој се обрати до граѓаните на земјата, откако Советот на Европската унија (ЕУ) одлучи да не определи датум за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Како што беше најавено од канцеларијата на претседателот на државата, на состанокот учествуваат претседателите на политичките партии од власта и опозицијата, вклучувајќи го премиерот на Северна Македонија и воедно претседателот на Социалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев; претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски; претседателот на Демократската унија за интеграции (ДУИ), Али Ахмети; претседателот на АлтернАтивА, Африм Гаши; претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села; претседателот на Движењето БЕСА, Билал Касами и претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи.

Потсетуваме, претседателот Пендаровски во неговото обраќање во петок рече дека „сега е време да покажеме единство околу нашата стратешка ориентација, без разлика на легитимните политички разлики по многу прашања.“

Пендаровски исто така рече дека најважно е земјата уште еднаш да ја потврди позицијата во однос на евроатлантските интеграции, за кои рече дека немаат одржлива алтернатива.

По средбата, најавена е прес конференција на претседателот Пендаровски.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.