Bekim Laci
07 Февруари 2018•Ажурирај: 08 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски, соопшти дека нема утврден датум за можна средба на премиерот на оваа земја, Зоран Заев, со грчкиот премиер, Алексис Ципрас, јавува Anadolu Agency (AA).
Бошњаковски на прес-конференција ги негираше гласините дека македонската страна ги прифатила сите барања на Атина во врска со спорот со името, и додаде дека средбата на Заев и Ципрас во Давос била многу транспарентна, како и дека за сè што е разговарано е објавено во јавноста.
„Тоа што е направено во Давос е сериосен исчекор кон пронаоѓање на решение на проблемот којшто Република Грција го има со нашето уставното име Република Македонија. На некој начин, ние ги откочивме застанатите евроинтегративни процеси во 2009 година. Од 2009 година Грција имаше ставено вето на овие две работи кои што Ципрас ги откочи во Давос", рече Бошњаковски.
Владиниот портпарол информираше дека на вчерашната владина седница е усвоена одлуката автопатот „Александар Велики“ кој ја поврзува Македонија со Грција и официјално да биде именуван како „Автопат - Пријателство“, додека името на аеродромот во Скопје сега официјално е Меѓународниот аеродром - Скопје.
Бошњаковски нагласи дека прашањето околу Државниот архив била една од главните точки на вчерашната владина седница, на која е разгледана информацијата за проблемот предизвикан поради врнежите од дожд.
Тој истакна дека за среќа архивираните материјали не биле оштетени бидејќи се наоѓаат во депото во поранешната зграда на Архивот, и го обвини поранешниот владин состав кој, како што рече, донел нелогични одлуки за преместување на Архивот.
„Решението кое ќе го донесе оваа влада ќе биде долготрајно, во интерес на Република Македонија, во заштита на архивот, и во заштита на документите што се наоѓаат во тој архив, бидејќи сме свесни дека тие документи се национално богаство на Република Македонија“, додаде Бошњаковски, кој не прецизираше за тоа каде ќе биде новата зграда, бидејќи како што рече, во старата зграда е направена формално-правна компликација што го оневозможува враќањето во старата зграда.
Бошњаковски нагласи дека не се знае точно количината и сумата на предизвиканата штета, бидејќи 90 отсто од зградите во проектот „Скопје 2014“ имаат исти проблеми.
На денешната прес-конференција беше најавено присуството и на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој требаше да говори за Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан, но, како што беше сооптшено, откажано е поради објективни причини.