Ivana Ramadanova
12 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
СКОПЈЕ (AА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од владиниот кабинет, европските перспективи на Македонија е клучната тема на разговорот.
„Новата Влада е подготвена да предводи силен и квалитетен реформски процес со цел обновување на препораката за преговори на Република Македонија со ЕУ, до крајот на оваа година. Но од голема важност е и поддршката од Европскиот совет за изнаоѓање решенија со коишто билатералните прашања нема да претставуваат долгорочна блокада на процесот за пристапување во ЕУ“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, му се заблагодари на претседателот на Европскиот совет, Туск, за позитивните сигнали од европските институции за поддршка на евроинтеграциските аспирации на Македонија.
„Ова е силен поттик за Владата, во соработка со Брисел да ги испорача потребните реформи за деблокирање на препораката за преговори за членство во ЕУ. Се надеваме дека Советот во декември ќе ги прифати заклучоците што водат кон отворање на преговорите за пристапување на Македонија кон Европската Унија. Амбициозни сме бидејќи е изгубено многу време во евроинтегрцискиот процес на Македонија“, рече премиерот Заев.
Тој го посочи како важен ангажманот на ЕУ во регионот на Западен Балкан, во делот на споделувањето европски демократски вредности, како и за поширока безбедносна стабилност. На средбата беше нагласена посветеноста на Владата на Македонија за регионалната соработка, што ќе ги отвори и зацврсти европските перспективи на државите.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, го поздрави формирањето на новата Влада во Македонија и оцени дека тоа е одлична можност за придвижување на евроатлантските аспирации на земјата.
Туск, изрази очекување дека Република Македонија ќе го подобри својот углед преку посветена работа, меѓуетнички и меѓупартиски дијалог и добрососедски односи.
- Заев-Могерини: Нова динамика во процесот на интеграција на Македонија -
Македонскиот премиер Зоран Заев во рамките на првата официјална посета на Брисел, попладнево се сретна и со високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Федерика Могерини.
Претседателот на Владата, Заев, на средбата со високата претставничка на ЕУ, Могерини, нагласи дека првата официјална дипломатска посета што се реализира во Брисел, заедно со министрите задолжени за реализација на надворешно-политичките приоритети на Македонија, ја покажува одлучноста на Владата на Република Македонија за забрзување на евроинтегративниот процес.
Високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Могерини, изрази цврста поддршка на реформските напори на новата Влада и најави дека Македонија има силен сојузник во ЕУ при спроведувањето на реформите. Пораката од високата претставничка од ЕУ, Могерини, е дека ако реформите бидат спроведени, Европската Унија е подготвена да возврати.