Ivana Ramadanova
12 Јуни 2017•Ажурирај: 13 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, одржаа прес-конференија по нивната средба во Брисел, при што најавија дека со силна посветеност и реформи, Македонија ќе се врати на евро-атлантскиот пат, јавува Anadolu Agency (AA).
Од владиниот кабинет соопштија дека премиерот Заев и еврокомесарот Хан се согласиле оти Македонија, како и останатиот дел од државите од Западен Балкан, е партнер на ЕУ и дека сега е потребна поддршка повеќе од кога било, во смисла на сигнали и придвижување во однос на интеграциите во ЕУ.
„Членството во ЕУ е клучен стратешки приоритет на Република Македонија. Имаме за цел да ги отпочнеме преговорите за членство колку што е можно побрзо. Македонија е земја-кандидат за членство од 2005 година и сѐ уште ги нема започнато преговорите за членство. Верувам дека ќе се согласите со мене оти е крајно време овој процес да се придвижи нанапред. Сосема ми е јасно дека поддршката што ја уживаме денес треба да биде оправдана со вистинските резултати коишто треба да ги постигнеме дома, кои примарно ќе бидат насочени кон зајакнување на судството, владеењето на правото и реформите во јавната администрација“, истакна Заев.
Тој изрази задоволство што имал можност да разговара со комесарот Хан за итните реформски мерки коишто се потребни за да може Комисијата да ги тргне условите од препораката за започнување на преговорите за членство.
„Развојот на добрососедските односи е друг важен дел од мојата програма. Ни требаат добри и силни односи, соработка со нашите соседи, кои ќе бидат базирани на заедничка почит. Заради тоа, мојата прва билатерална посета овој месец ќе биде во Софија, да се сретнам и да дискутирам со премиерот Борисов за тоа како можеме да ја зајакнеме соработката и да изградиме мостови за заемна поддршка. Исто така, министерот за надворешни работи патува во Атина, в среда, со цел да отвори нови можности за поблиска политичка соработка“, рече Заев.
Тој се осврна на заедничките предизвици со коишто се соочуваат сите, а тоа се миграцијата, борбата против тероризмот, радикализмот и насилниот екстремизам, кои се многу важни заеднички предизвици што подеднакво нѐ загрижуваат сите.
„Во таа смисла, дозволете ми да ја истакнам нашата посветеност да работиме заедно со ЕУ на соочување со овие предизвици бидејќи тие не запираат на ниту една граница ниту пак постои држава која е имуна на овие предизвици“, подвлече премиерот Заев.