Ivana Ramadanova
12 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Македонија, Зоран Заев, придружуван и од вицепремиерите Бујар Османи и Радмила Шекеринска, како и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Брисел треба да се сретне и со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, а потоа во седиштето на НАТО и со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, јавува Anadolu Agency (AA).
Еврокомесарот Јоханес Хан, на денешната прес-конференција во Брисел, одржана пред неговата средба со Заев, рече дека земјата конечно ја надминала политичката криза и дека главна тема во разговорите со Заев ќе бидат итните реформски приоритети.
„Потребен е фокус на итните реформски приоритети и објавувам дека експертот Рајнхард Прибе, кој првично седна со тим на луѓе и претходно го напиша т.н. 'извештај на Прибе', а кој е база за сѐ, ќе го посети Скопје во јули за да почнат сите активности и иницијативи, и Владата да биде поддржана. Ова го велам бидејќи треба најпрво да се води одржлив чекор кон имплементацијата на итните реформски приоритети, кои се клучни за добивање на позитивна препорака од наша страна. Само изборите и формирањето на Владата не се доволни за да се добие препораката, потребни се и реформски напори и ова е нешто што може да се стори и да почне веднаш, а наесен ќе ја имаме првата оцена. ПЈРМ конечно, со продолжена поддршка на ЕУ, ја надмина политичката криза преку фер избори и формирање на нова Влада и сега се надеваме дека ќе се вратат на дневно-политичката рутина. Денеска со премиерот Заев ќе разговарам за имплементацијата на итните реформски приоритети“, порача Хан.