Bekim Laci
23 Јули 2018•Ажурирај: 24 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Владата и опозицијата не успеаја да ги усогласат своите позиции за прашањето за одржување на референдумот за Договорт со Грција за името, и покрај осум часа разговори во рамките на третата рунда на состанокот на политичките лидери, јавува Anadou Agency (АА).
Премиерот на Македонија, Зоран Заев, по средбата, го обвини претседателот на македонската опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, за намерно спречување на постигнувањето договор, бидејќи, како што рече, кога видел дека нема да има амнестија за злосторниците во државата, одлучил да ги спречи преговорите.
Јавноста треба да знае, рече Заев, дека Мицковски доби избор на Државната изборна комисија (ДИК) и техничка влада по негово барање, со услов да ги повика граѓаните да учествуваат на референдумот. И покрај тоа, рече Заев, тој го избрал бојкотот и избрал да ги уништи надежите за ЕУ и НАТО.
„Нема да дозволиме актуелното раководство на опозицијата да ја држи Македонија во заложништво. Ние сме за напредна, европска и просперитетна Македонија. Никој не може да нè сопре. Ќе има и Државна изборна комисија, ќе има и референдум и ќе победи волјата на граѓаните“, посочи Заев по средбата.
Христијан Мицковски од опозициската ВМРО ДПМНЕ по средбата истакна дека главната пречка за непостигнување на договорот за ДИК била формулацијата на референдумското прашање, кое би требало да биде еднозначно.
Тој рече дека успешен референдум ќе биде одзивот на над 50 отсто, од кои половина ќе треба да одговорат позитивно.
„Нашата позиција е јасна, и таа е партиски став, дека референдумското прашање мора да биде еднозначно, што го дефинира Законот за референдуми, како и самиот Устав”, рече Мицковски.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, првиот дел од средбата го оцени позитивно, бидејќи, според него, владата се повлекла од првичните позиции за општо добро, но сепак рече дека во вториот дел од средбата била разочарувачка.
„Владата ги бранеше државните интереси. Разликите се во врска со прашањето што треба да се постави на референдумот. Се разбира, успехот на референдумот зависи од природата на прашањето. Во овој случај, апелирам сите да ги ставиме на прво место интересите на земјата пред партиските интереси. И мислам дека во оваа ситуација, опозицијата треба да ги стави на прво место националните интереси“, рече Ахмети.
Лидерот на едно од крилата на Движењето БЕСА, Биљал Касами, по средбата ја поздрави подготвеноста на Владата за техничка влада пред парламентарните избори и финансирањето на политичките партии.
„Што се однесува на референдумот, сите партии мора да работат за тоа референдумот да биде успешен“, изјави Касами.
Претходно, владата и опозицијата се договорија околу главните прашања со кои требаше да се отвори патот за референдумот, откако премиерот Зоран Заев ги прифати барањата на ВМРО-ДПМНЕ за техничка влада, финансирање на политичките партии од државниот буџет и формирање на ДИК.
Лидерската средба беше свикана поради одложување на изборот на членовите на ДИК, иако партиите беа однапред договорени за имињата на овие членови, што го спречува референдумот во кој македонските граѓани ќе треба да се изјаснат дали го прифаќаат Договорот со Грција, со кој се предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, што е главен услов за членство во НАТО и отворање на преговорите со Европската Унија (ЕУ).