Abdula Berisha
20 Октомври 2019•Ажурирај: 21 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека претседателите на парламентарните политички партии, на негово барање, го потврдиле ставот дека продолжуваат по истиот пат на европската интеграција, без оглед на одлуките на Советот на Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Пендаровски одржа прес-конференција во „Вила Водно“ каде се одржува средбата на лидерите на парламентарните политички партии.
Тој рече дека на лидерската средба се разговара за две точки, одлуките на Советот на ЕУ и предвремените парламентарни избори што ги најави премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев. Пендаровски објасни дека досега е завршена дискусијата за првата точка и дека дискусијата за предвремените парламентарни избори ќе продолжи.
Во врска со првиот дел од средбата, Пендаровски истакна дека по третпат Северна Македонија е во иста ситуација во врска со етаблирањето на државата на меѓународно ниво. Тој ги опиша одлуките на Советот на ЕУ како исклучително неповолни, којшто одлучи да не се започнат преговори за членство со Северна Македонија, додавајќи дека сите лидери поканети на состанокот покажале државотворен капацитет и дека постои јасен државен консензус за прашањето на европските интеграции.
„Мене ми е драго, и тоа сакам да го истакнам во јавноста, што сите поканети лидери на политички партии искажаа јасен државотворен капацитет и застанаа зад оваа стратешка цел која ни е зацртана уште во раните деведесетти години. Значи ниту еден од нив не испушти да каже дека ова е единствениот пат по кој треба да оди нашата земја, Република Северна Македонија сега, и дека не постојат никакви алтернативи на тој пат“, рече Пендаровски, осврнувајќи се на интеграцијата на земјата во ЕУ.
Претседателот Пендаровски исто така истакна дека лидерите на политичките партии кажале дека немаат проблем со новата методологија за преговарање за членство, дури и ако таа предвидува реверзибилност на поглавјата затворени за време на преговарачкиот процес.
Пендаровски ирече дека „ние сме дел од Европа“, повикувајќи се на базичните документи на ЕУ од 1957 година, во кои се вели дека секоја земја на европскиот континент што ги исполнила условите има право да аплицира и да стане полноправна членка на ЕУ, додавајќи дека „ние не бараме алтернативи за овој формат“.
На лидерската средба учествуваат претседателите на политичките партии од власта и опозицијата, вклучувајќи го премиерот на Северна Македонија и воедно претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев; претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски; претседателот на Демократската унија за интеграции (ДУИ), Али Ахмети; претседателот на АлтернАтивА, Африм Гаши; претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села; претседателот на Движењето БЕСА, Билал Касами и претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи.