ПРИШТИНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, кој се наоѓа во посета на Косово, денес оствари средба со неговиот косовски колега Беџет Пацоли, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на македонската дипломатија, Димитров, за време на заедничката прес-конференција која се одржа по средбата со неговиот косовски колега Пацоли, во врска со мерките преземени од страна на Владата на Косово за ставање царина од 30 отсто за увозот на земјоделските производи од Македонија, рече дека овој проблем треба да се реши со разговор, а не со инает и противмерки кон Косово.
„Не може една мерка да биде добра за Косово ако не е добра за пријателот во соседството, и обратно. И мислам дека мора да најдеме решение. Точно е дека ова е времена мерка. Меѓутоа, имаме правни обврски во однос на Договорот ЦЕФТА. Во тој договор има процедури. И можеби многу поважно од правните обврски, од процедурите, новата европка балканска политика налага да се разбереме, да видиме точно кои се проблемите на косовските производители, да најдеме некое добро решение“, нагласи Димитров, и додаде дека другата политика на Балканот е да се воспостават противмерки, но дека, проблемот треба да се реши со забрзан дијалог.
Министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, истакна дека Косово има една традиција на меѓусебни добри односи со Македонија.
Пацоли упати благодарност до неговиот македонски колега Димитров, за дадената поддршка за Косово во секоја билатерална и мултилатерална средба.
Пацоли рече дека постојат 21 потпишан договор меѓу двете земји, а четири иницијативи чекаат да бидат претворени во министерски договори и меморандуми.
Тој нагласи дека му честитал на Димитров за успешната работа во решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција, кој, како што истакна, ја отежнувал интеграцијата на Македонија 26 години.
„Овие активности создадоа една поволна атмосфера во регионот. За Косово е едно големо достигнување, бидејќи му се дава можност да се чувствува дека живее во побезбедна зона. Знаете дека спорот за името на Македонија беше неизменлив услов за интеграцијата на Македонија во НАТО, и интеграцијата на Македонија во НАТО значи погодност за Косово да се чувствува дека е во една зона на НАТО, која значи побезбедна зона“, нагласи Пацоли.
Министерот Никола Димитров, во текот на денешната посета на Косово, оствари средба и со претседателот на Парламентот на Косово, Кадри Весели и со косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
Според соопштението на Парламентот на Косово, за време на средбата со Димитров, претседателот на косовскиот Парламент, Весели, укажал на посветеноста на институциите на Косово за пoнaтамошно унапредување на соработката со сите земји во регионот, вклучувајќи ја и Македонија, во насока на добрососедство и заеднички евроатлантски цели.

Весели истакнал дека верува оти визната либеrализација за Косово, решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција и голем број други предизвици за кои сега се наоѓа решение, се добар сигнал за европската иднина на Балканот.
„Претседателот на парламентот нагласи дека автопатот „Арбен Џафери“ кој ги поврзува Приштина и Скопје, ќе ја олесни комуникацијата на граѓаните, и трговските размени, додека укажа на важноста на тоа Македонија да го заврши својот дел“, се вели во соопштението.
Шефот на македонската дипломатија, Димитров, исто укажа на потребата од понатамошно унапредување на соработката меѓу двете земји, давајќи силен поттик за унапредување на меѓудржавните и меѓупарламентарните односи.
На средбата со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, министерот Димитров му честитал за позитивната препорака за визната либерализација од страна на Европската комисија и укажал на постигнувањата на Косово во сите области.

„За време на средбата беше разговарано за важноста на економскиот развој и зголемувањето на трговската размена меѓу Косово и Македонија“, се вели во соопштението на Кабинетот на косовскиот премиер.
Харадинај нагласил дека двете држави ги споделуваат истите аспирации за членство во ЕУ и НАТО, и додал дека иднината на целиот Западен Балкан е во НАТО и ЕУ.
„Договорот за името е една добра вест за регионот. Упатуваме честитки до Македонија за ова постигнување коешто промовира еден нов дух на меѓусоседска соработка. Ние имаме потреба за поддршката на Македонија во процесите на интеграција на Косово и членството во меѓународните организации, нудејќи ја и нашата поддршка за меѓународните процеси на соседната земја“, рече Харадинај, се истакнува во соопштението.
news_share_descriptionsubscription_contact
