Haydar Hadi
18 Септември 2017•Ажурирај: 19 Септември 2017
БАГДАД (АА) - Федералниот суд на Ирак донесе одлука за суспендирање на референдумот кој Регионалната курдска управа во северен Ирак планираше да го одржи на 25 септември, јавува Anadolu Agency (AA).
„Судот одлучи да го суспендира планираниот референдум кој на 8 јуни го распиша претседателот на Курдската регионална управа во северен Ирак за 25 септември“, изјави портпаролот на ирачкиот суд Ијас Самук.
Со одлуката на судот забранети се сите активности поврзани со спроведувањето на планираниот референдум сѐ додека не завршат судските постапки за утврдување на уставноста на таквиот чин.
Претседателот на Курдската регионална управа во северен Ирак, Месут Барзани, во јуни соопшти дека на 25 септември ќе се одржи референдум за независност на тој автономен ирачки регион, што наиде на остра осуда и негодување од страна на меѓународната заедница. Таа идеја ја поддржа само Израел.
Ирачкиот премиер, Хајдар ал-Абади, истакна дека тоа е противуставен чин и дека резултатите од таквиот референдум не можат да бидат признати. Тој најави и можна воена интервенција во случај да дојде до немири во тој дел на Ирак.